„Вакцинирај се“: Порачаа спортисти, музичари и актери

од Vladimir Zorba
246 прегледи

Спортисти, музичари, актери се само дел од оние кои ја пренесоа пораката „Вакцинирај се“, за враќање на нормалното секојдневие и повторно споделување на заедничките моменти на среќа.

Меѓу јавните личности кои ја поддржаа кампањата на Владата на Република Северна Македонија е музичарот Никола Перевски – Пере, кој упати повик граѓаните да се вакцинираат, за да се вратат добрите, безгрижни забави и ноќниот живот кој за време на пандемијата целосно замре.

Своја поддршка даде и актерката Сабина Мемиши, која пренесе порака дека вакцинацијата е начин да се врати долгиот театарски аплауз, а столчињата пред сцената која за актерите значи живот веќе да не бидат празни.

Во кампањата се вклучија и пејачите Благоја Груевски и Дани Димитровска. „Радоста е уште поголема ако се сподели со другите, а токму тоа е она што за време на пандемијата најмногу ни недостасуваше. За да се вратат концертите, свадбите и прославите на големите животни достигнувања – вакцинирај се“, апелираа тие.

И Ранко Петровиќ – Бубамара ја поддржа вакцинацијата кој истакна дека минатата година, пандемиското издание на Златна Бубамара на популарноста било одржано без публика, но за среќа сега имаме вакцина. „За да се дружиме, да пееме, да се смееме, да сме живи и здрави – вакцинирајте се“, вели тој во видео пораката.

За време на пандемијата, останаа празни и трибините на спортските натпревари. И нашиот најдобар фудбалер Горан Пандев ја поддржа кампањата за вакцинација, кој вели дека ништо не може да го замени чувството на фудбалски натпревар со бодрење на публика. „За полни трибини и нови спортски победи – вакцинирај се“, порача тој.

Целта на кампањата „Вакцинирај се“ е да го информира населението за придобивките од вакцинацијата, да ја подигне свеста за потребата од масовна имунизација, но и да го спречи ширењето на дезинформации. Вакцините се безбедни и ефикасни, спречуваат развивање тешка форма на болеста, хоспитализација и смрт, а вакцинацијата е единствен начин да се стави крај на пандемијата.