Британските вооружени сили се подготвуваат да заминат и да земат мал број авганистански државјани со себе на преостанатите летови овој викенд, изјави портпаролот на Министерството за одбрана, пренесува Ројтерс.
– Време е да се затвори оваа фаза од операцијата, но тоа не значи дека ги заборавивме луѓето што допрва треба да си заминат, ќе сториме се што можеме за да им помогнеме – изјави денеска денеска британската амбасадорка во Авганистан, Лори Бристоу.
Некои британски војници веќе заминаа, а британскиот воен транспортен авион со припадници на вооружените сили денеска слета во воздухопловната база во Јужна Англија.
Претходно денеска, командантот на британските вооружени сили, генерал Ник Картер, изјави дека британските војници денеска ќе стават крај на евакуацијата на цивилите од Авганистан.
– Денеска се приближуваме кон крајот на евакуацијата на цивилите. Потоа следува евакуација на нашите војници – изјави Картер за Би -Би -Си.
Тој призна дека британските војници не успеале да ги евакуираат сите цивили.
– Беше многу тажно и требаше да се донесат некои многу тешки одлуки на самото место – рече британскиот генерал.
Британскиот министер за одбрана Бен Валас во петокот изјави дека Велика Британија влегува во последните часови од евакуацијата и дека ќе префрли само луѓе кои веќе биле на аеродромот во Кабул.