ВМРО-ДПМНЕ покажува еден широк капацитет на силно реформирана партија, реформскиот процес завршува веднаш по овие локални избори, ВМРО-ДПМНЕ е партија која обединува и партија која широко го зафаќа политичкиот амбиент во Република Македонија, а со објавената коалиција со Алтернатива и Алијанса продолжуваме да се окрупнуваме, изјави претседателот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски во изјава за дневникот на ТВ Сител.
Според него, владеачката коалиција е нервозна и се соочува со раскол и проблеми во изборот на кадри за кандидати за градоначалници.
-Ниските страсти на преплашената коалиција на власт ги сфаќаме како предизборен фолклор којшто излегува од кујната на СДСМ, истакна Мицкоски.
Претходно од СДСМ соопштија дека понудата на ВМРО-ДПМНЕ од немај каде е сведена на стари кадри, луѓе на Груевски и затоа ги чека нов пораз.
-Фактот дека во Кавадарци е кандидиран Митко Јанчев, човек кој беше мета на целото раководство на ВМРО-ДПМНЕ и сменет од потпретседателската функција во партијата, покажува колку е очаен Мицкоски. Зад кој и кандидат да застане губитникот Мицкоски го чека пораз на локалните избори, вклучително и во Кавадарци, велат од владеачката партија.