Следејќи ја внимателно состојбата со пандемијата во градот Кичево, денеска Кризниот штаб на одржаниот состанок ги разгледа барањата на Советите на родители од основните и средните училишта, со што одлучивме да се обратиме до Комисијата за заразни болести со барање за одложување на почетокот на учебната година или одржување на наставата од далечина во одредено време, објави денеска градоначалникот на општина Кичево, Фатмир Дехари.
Тој посочува дека се уште го чекаат одговорот од надлежните органи, со надеж дека нивното барање ќе биде прифатено и со ова ќе го ублажат ширењето на вирусот кај жителите на Кичево.
Во последниот месец во Кичево се зголеми бројот на случаи на ковид-19, а во моментов активни се 616 случаи. Според денешната статистика на Министерството за здравство, пријавени се и четири смртни случаи од овој град, а регистрирани се и 26 оздравени пациенти.