Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини, заедно со градоначалничката на Тетово, Теута Арифи, изршија увид во текот на работите за изградба на водовод во населбата „Сончев брег” Теќе-Речица, со кој се обезбедува квалитетна вода за пиење за локалното население.
“Пристапот до чиста и безбедна вода за пиење е право на секој поединец. Многу рурални области се соочуваат со предизвикот за обезбедување на квалитетно водоснабдување, до кое сите граѓани треба да имаат еднаков пристап”, рече министерот Нуредини.
Имајќи предвид дека постојната мрежа не беше во состојба да обезбеди доволни количини на вода, бидејќи беше делумно изградена од поединечни групи, Министерството за животна средина и просторно планирање од буџетот за оваа година обезбеди 12.868.557,00 денари. Проектот е предвидено да се реализира во рок од најмногу 6 месеци, но се прават максимални напори за што е можно побрза реализација. Со средствата обезбедени за проектот, ќе се инсталира мрежа со вкупна должина од 4.949,51 метри, која ќе обезбедува проток на вода од 19,53 литри во секунда.
Успешното спроведување на вакви суштински проекти нема да биде можно без меѓусебна соработка помеѓу централната и локалната власт.
Ова не е единствениот проект од ваков тип, за кој МЖСПП обезбедува финансии. Имено, од буџетот за 2020 година, за општина Тетово беа распределени финансиски средства во износ од 7.500.000,00 денари, за проектот „Водоснабдителен систем – снабдување со цевки за водоснабдување од изворот до акумулацијата, за четири н.м. во општина Тетово: Мала Речица, Голема Речица, Порој и Џепчиште, во вкупна должина од 24 километри”.
Министерот Нуредини, исто така, најави дека наскоро се очекува да биде објавен огласот за големиот проект, грант – финансиски средства од ЕУ, за обезбедување централизиран систем за собирање отпадни води во општина Тетово (Мала Речица, Голема Речица, Џепчиште, Порој и Фалише). Ова ќе се постигне преку изградба на секундарна канализациона мрежа и изградба на главни колектори во пречистителната станица за отпадни води.
На крајот, министерот истакна дека заложбата на министерството нема да заврши тука, и дека во наредниот период ќе продолжи со проекти за водоснабдување и канализација во општина Тетово и сите други општини во државата, бидејќи чистата вода за пиење и отстранувањето на отпадните води се основа за квалитетен живот и чиста животна средина.