Укината е првостепената пресуда која ѝ беше изречена на Ангела Ѓорѓиевска за убиството на Пино Секондо, соопштија од Апелацискиот суд. Ѓорѓиевска беше осудена на 19 години затворска казна. Со тоа, првостепената пресуда е укината и случајот е вратен на повторно судење пред првостепениот суд.
Во пресудата се наведува дека Ѓорѓиевска помогнала во извршување на убиството на Секондо, кое според доказите го сторил обвинетиот Али Фуркан, кој е во бегство.
Тој со пушка го застрелал во главата Пино во присуство на Ангела која помогнала безживотното тело да го внесат во кола, а подоцна и да го закопаат во атарот на Љуботен.
Во обвинителниот акт против Ѓорѓиевска беше наведено дека на 11.12.2018 година, обвинетата го повикала оштетениот, сега починатиот Пинета Секондо-Пино, и договорила да се сретнат на насипот во населбата Ѓорче Петров. Таму веќе бил пристигнат и другиот осомничен со возило „опел аскона“, носејќи со себе огнено оружје – пушка.
„Тој го оставил неговото возило на насипот и седнал да управува со автомобилот ‘шкода’ со кое до насипот дошол оштетениот. На совозачкото место седнала обвинетата, додека оштетениот седнал на задното седиште.