Европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји изјави од Блед дека Европската унија не смее да си дозволи да го изневери Западен Балкан и дека нема повеќе време за чекање.
„Проширувањето е процес, има фази и тоа е повеќе административен процес отколку политички. Треба да зборуваме за политичка, економска, социјална и безбедносна интеграција. Ова се теми за Западен Балкан. Имаме свеж пример – Авганистан. Авганистан е далеку, но Западен Балкан е тука. Нашата одговорност кон Балканот е поголема отколку кон Авганистан. Не можеме да си дозволиме да го изневериме Западен Балкан“, рече Вархеји на панелот „Иднина на Европа“ во рамките на 16 -тиот Бледски стратешки форум.
Тој додаде дека Европската унија треба со „мека моќ“ да ги мотивира земјите од Западен Балкан, но дека мора да има мотивација и во самите земји.
„Мораме да бидеме решени да ја одржиме таа мотивација и да се осигураме дека понудата што ја ставивме на маса е искрена. На тој начин можеме да ги забрзаме работите. Авганистан ни одржа лекција и немаме повеќе време за трошење“, рече тој.