Американскиот претседател Џо Бајден му ветил на својот украински колега Володимир Зеленски дека ќе му помогне да го реши проблемот со Русија.
„Соединетите држави остануваат цврсто посветени на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во светлината на руската агресија и евроатлантските аспирации на Украина“, рече Бајден.
Во известувањето до Конгресот, американската администрација посочи дека пакетот помош за Украина е неопходен поради, како што наведе, големото зголемување на руската воена активност долж нејзината граница и поради минофрлачки напади, кршење на прекинот на огнот и други провокации.
Средбата на двајцата лидери беше одложена двапати поради ситуацијата во Авганистан и првата средба со странскиот лидер по завршувањето на војната во таа земја, Бајден испрати порака дека САД ослободени од „вечната војна“ решена е да стане посигурен сојузник на своите пријатели,во овој случај Украина.
Украинскиот претседател оцени дека двете земји имаат „голем број“ теми за разговор, од безбедноста и конфликтот на Крим до гасоводот „Северен тек 2“, што жестоко ја изнервира Украина.
„Засега сме во фаза кога претседателот Бајден лично гарантира дека ако Русија или другите страни во проектот „Северен тек 2“ создадат енергетски проблеми за Украина, САД ќе гарантираат дека ќе воведат санкции“, рече Зеленски, додавајќи дека тоа е голема победа, но за тоа треба да се разговара.
Според него, за прашањето за „Северен тек 2“, Украина има голема поддршка од Американскиот конгрес.
Гасоводот, кој е при крај и работи под Балтичкото Море, директно ќе ги поврзе Русија и Германија. Така, Украина ќе остане без најмалку 1,5 милијарди долари што ги добива секоја година за премин на руски гас преку нејзината територија, и без средства за дипломатски притисок.
Бајден рече дека добил гаранции од Германија дека ќе ја поддржи енергетската безбедност на Украина.
Иако посетата на Зеленски на Вашингтон помина без многу помпа, украинскиот претседател може да се пофали дека вториот европски лидер, после Ангела Меркел, беше примен во Белата куќа.
Украинскиот претседател се враќа дома откако доби ветување за дополнителна воена помош од 60 милиони долари, која исто така го вклучува и противтенковскиот ракетен систем „Џавелин“. Меѓутоа, кога станува збор за членството на Украина во НАТО, очекувањата на Зеленски не беа исполнети.
По состанокот, Бајден ги информираше новинарите дека ја поддржува евроатлантската интеграција на Украина, додека неговата портпаролка Џен Псаки рече дека САД сакаат „вратите на НАТО да бидат отворени за земјите кандидати кога ќе бидат подготвени и кога ќе ги исполнат поставените услови“.