Денешниот став на претседателот на СДСМ, Зоран Заев дека ќе бидам исклучен на следната седница на Централниот одбор на партијата докажува дека вчерашниот став на секретарот Николовски дека сум се самоисклучил не е вистина, и го потврдува мојот став дека формално правно сум сеуште член на СДСМ, вели актуелниот градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски во врска со деднешната изјава на премиерот Зоран Заев дека на Централниот одбор на СДСМ, на првата наредна седница, треба само да констатира дека досегашниот градоначалник на Куманово, , го прекршил партискиот Статут, официјализирајќи независна кандидатура за претстојните локални избори, што повлекува негово исклучување од партијата.
-Вистинските социјалдемократи секогаш ја говорат вистината и не се служат со манипулации и инсинуации.Прашувам како однапред раководството на СДСМ можело да ги предвиди одлуките на Централниот одбор пред тие да бидат донесени. Дали за ваква внатрепартиска демократија се боревме? Јас нема да дозволам во моето општествено делување демократијата да биде само формална, туку така ќе биде практикувана и во реалност. Како и да се произнесат партиските органи, јас по убедување бев, сум и ќе бидам социјалдемократ и тврдам дека евентуалната одлука за исклучување е плод на желбите и суетите на поединци на раководството на СДСМ. Како инаку би го објасниле фактот дека стотици членови, активисти и симпатизери ја потпишаа граѓанската иницијатива за моја кандидатура. Зарем и нив ќе ги исклучат? Во едно се сложуваме со господинот Заев. Кумановчани знаат што е најдобро за нив, и сигурен сум дека на 17 октомври тоа јасно ќе го покажат поддржувајќи ја граѓанската иницијатива “За Наше Куманово” со имплементирање на реална демократија во пракса, смета Димитриевски.
Заев денеска посочи дека СДСМ 30 години победува во Куманово.
„Кога ќе тргнете против СДСМ не можете истовремено да бидете и член на СДСМ, а можете слободно да ги кажете вашите различности, да дојдете во органите и телата на партијата, да дискутирате, да се борите за вашите ставови. Најдоброто во СДСМ е што различните ставови многу често и победуваат, дури и кога не се ставови на највисокото раководство. Максим беше член на конгрес, по фукцина член на ЦО како градоначалник, секогаш го имал правото да дискутира, да дојде и да ги каже своите забелешки. И овде ја знае јасно процедурата. Неговата определба да не дочека СДСМ да ја донесе одлуката и преурането да го напушти процесот на селекција на кандиатите е негова лича одлука и со неа тој ја донесе и одлуката за себеисклучување од СДСМ“, рече Заев.