Пентагон и САД го завршија повлекувањето од Авганистан во понеделникот, ставајќи крај на најдолгата 20-годишна војна. Илјадници војници минаа застрашувачки две недели обидувајќи се да ја обезбедат избрзаната и рискантна евакуација на илјадници Авганистанци, Американци и други кои очајнички се обидуваа да ја напуштат земјата која повторно падна под власт на талибанските милитанти.
Американскиот претседател Џо Бајден во телевизиското обраќање на 31 август рече дека неговиот избор бил „напуштање или ескалирање“ и ја презеде „одговорноста“ за својата одлука. Повлекувањето, рече Бајден, исто така е „за завршување на ерата на големи воени операции за обнова на други земји“. „Се обидувавме да донесеме демократија и да изградиме демократски институции, но не успеавме во тоа. Сепак, ова е вистинска одлука. Мудра одлука. И најдобра одлука за Америка“.
Сепак од тука се поставува прашањето дали САД размислуваат за истата теза и се подготвени за повлекување од Косово и нивната база Бондстил. Редакцијата на „Локално“ стапи во контакт со регионални познавачи на состојбите во врска со ваквата можна одлука на Америка. Според Фатмир Шеноли, политички аналитичар и директор на Институтот за афирмација на меѓуетничките односи во Приштина, Косово и Авганистан немаат сличности за да се спореди таквиот став на Америка.
-На Косово, Америка и американски војници се како во своја куќа, но не и во Авганистан. Косово ја има најголемата американска база во Европа наречена „Бондстил“ и затоа Косово беше и ќе биде најголемиот сојузник на Америка. Америка, со својата база на Косово, ги штити интересите на сите граѓани на Балканот и пошироко.
Според него, еден ден, Американците најверојатно ќе се повлечат, но само кога ќе бидат сигурни дека на никој нема да му биде дозволено да го наруши постигнатиот мир.
– Дотогаш, Албанците во Косово, Албанија, Македонија, Прешевската долина и Црна Гора ќе имаат заедничка платформа за одржување стабилност и влез во ЕУ и НАТО. Косово е млада земја која се стреми кон развој и затоа Косово има уште многу да учи од Америка во сите сфери на животот, и затоа Косово е подготвено само за сојуз со Америка, а не за какво било повлекување, вели Шеноли.
Политичкиот аналитичар Неџмедин Спахиу за „Локално“, пак вели можно е да дојде до повлекување на американските трупи.
-Повлекувањето на Американците од Косово е непожелно и за Косово и за соседните земји, освен за Србија. Во секој случај, тоа не значи дека Србија ќе може удобно да се врати на Косово, посочува Спахиу.
Според него, Косово има свој одбранбен систем, иако слаб, но функционален, но има и други сојузници, освен Американците.
-Тоа се Англичаните, Германците, Италијанците, Турците, … така што окупацијата на Косово не би била можна, но имајќи го предвид менталитетот на Србите, превирањата во регионот ќе бидат доказ што ќе го оштети мирот и стабилноста во регион. Можеме само да се надеваме дека Американците ќе останат на Косово долго време, потенцира Спахиу.
За Леон Духанај, политички аналитичар, Американската интервенција во Авганистан се случила како резултат на терористичкиот напад на организацијата Алаида, на 11 септември, во кулите близначки на Светскиот трговски центар во Њујорк.
-Примарната цел на интервенцијата беше одмазда кон оваа терористичка организација и нејзино уништување, имено елиминација на нејзиниот водач Осама Бин Ладен, но со понатамошна цел за ослободување на Авганистан од Талибанците и демократизирање на земјата. Долги години се инвестира во овој сегмент, исто како што се инвестира во изградба на локална армија со стабилни параметри, која треба да опстане како независна, политичка и воена. Иако примарната цел е постигната, втората цел, врз основа на неодамнешните настани и случувања, не е постигната. Ова не се случи поради неподготвеноста на Американците да ги поддржат, туку поради неподготвеноста на домородците да придонесат заедно. Тие веднаш се предадоа, предавајќи модерно оружје на талибанските банди без најмал отпор, вели Духанај.
Тој укажува дека претседателот Бајден изјавил дека САД треба да се грижат за своите интереси и да играат глобална полиција.
-Ова не значи дека САД треба да се повлечат од Косово, бидејќи како прво, Косово има различен меѓународен карактер и како второ, светските геополитички интереси на Косово се многу различни од оние во Авганистан. Покрај тоа, Косово само по себе е поинаков контекст, бидејќи е подготвено да го брани својот идентитет по секоја цена, дури и преку војна доколку е потребно. Затоа, не верувам дека Америка ќе се повлече, ниту дека Косово ќе се предаде, смета Духанај.
САД се присутни во Европа од 1945 година, што значи 76 години, вели д-р Срѓан Перишиќ, професор по геополитика за „Локално“.
Тој вели дека Европа е клучна во нивната борба со Русија и затоа САД ќе се обидат да останат во Европа што е можно подолго, и да се борат против Русија што е можно подолго.
– Засега, тие имаат поддршка од клучните земји (Германија, Франција, Велика Британија), како и други (Полска, Балтикот), како и имаат поддршка од тие земји и по прашањето за Косово. Сепак, Америкаците немаа таква поддршка во Авганистан од земјите од Централна Азија, Дури и Пакистан им откажа послушно, свртувајќи се кон Кина. Тоа не е случај во Европа. До смената на власта во Германија и Франција, Американците ќе останат во Европа и Косово. Сепак, тие се исцрпени, па во таа борбата за опстанок во Европа и Косово, тие се повеќе ќе ослабнат, смета Перишиќ.
Тој посочува дека еден ден, кога ќе се сруши американската конструкција на Европа, како и изградбата на Балканот, ќе дојде до рекомпозиција на овие простори.
-Албанците нема да го разберат тоа, и ќе влезат во војна, која ќе ја загубат, наведува професорот.
Пред речиси една година, приштинска „Газета Експрес“ пишуваше дека САД размислуваат да ги повлечат своите трупи од Косово, доколку Приштина не ги укине царините за стоките од Србија, кој беше сериозен проблем.
Весникот потсетува дека пред неколку месеци се спекулирало дека Американците размислуваат да го отстранат кампот „Бондстил“ од Косово, доколку политичкото раководство продолжи да не ги почитува барањата на меѓународниот фактор за укинување на царините, но тие информации никогаш не биле потврдени.
После неколку месеци од тие натписи, извор од НАТО информира дека американските трупи нема да бидат повлечени од Косово, иако Пентагон го почна планираното повлекување на американските трупи од Ирак и Авганистан.
Оваа вест ја потврдил извор од НАТО, наведувајќи дека не очекува истото да се случи со војниците на Косово, јавува Косово онлајн, повикувајќи се на порталот Зери.
Од НАТО велат дека сојузниците се посветени на одржување на своите сили во мисијата КФОР, која се состои од повеќе од три илјади војници.
„Редовно вршиме проценка на нашата мисија КФОР и врз основа на тоа сите сојузници се сложуваат дека треба да ги одржиме моментални сили од околу три илјади војници. Во согласност со мандатот на ОН, нашата мисија КФОР ќе продолжи да работи на мирното и безбедно опкружување, и слободата на движење на сите заедници на Косово“, изјави неименуван функционер на НАТО.
Н.П.