Дали случувањата во Авганистан може да се пресликаат и кај нашиот сосед Косово и со тоа Македонија да се најде во „виорот“ од непредвидливи настани. На оваа тема за „Локално“ говорат долгогодишниот дипломат и поранешен амбасадор на Македонија во НАТО, Нано Ружин и универзитетската професорка по безбедност Фросина Ременски.
Според Ружин станува збор за две различни ситуации, прво на Косово нема војна и второ дека Македонија е НАТО членка. Според Ременски, пак, повлекувањето на НАТО од Авганистан, за Европа треба да биде сериозен сигнал за безбедносната и надворешна политика и што поскоро да почне да ги прави операбилни своите воени сили.
Таа вели дека Европа нема да биде безбедна, без безбеден Балкан и добро контролирани граници.
„Ние сме заштитници на Европа, од мигрантските движења. Тоа веќе го докажавме“, порачува Ременска.
Според дипломатот Ружин, треба да се прави и разлика меѓу американски воени сили и силите на НАТО и КФОР кои во моментот се на Косово.
-На Косово нема вооржени сили на Америка, туку на НАТО. Американците имаат воена база – Бондстил, но такви бази имаат и во многу други земји. На косовска територија се и КФОР, ОН, ОБСЕ, УНХЦР и други инстиутции, затоа и сутацијата не е слична како онаа со Авганистан каде има војна речиси две децении. Мислам дека, сега за сега, американските сили нема да се повлечат. Ако еден ден дојде до повлекување на американските воени сили и на организациите кои ги набројав, не верувам дека државата би можела да се најде во виорот на некаков конфликт. Македонија е НАТО членка и во такви ситуации се активира членот пет од Договорот. Јас сум оптимист дека може да дојде и до договор меѓу Белград и Приштина, вели Ружин.
Според Ременски повлекувањето на НАТО од Авганистан и она што многу бргу ќе го направи од Ирак, но и немашањето во сириското прашање, е знак дека САД своите воени стратегии почнува да ги мери од финансиски аспект но и од минати исуства во кои можат да се вбројат Виетнам, Кореа, сега Авганистан и Ирак.
-Повлекувањето на НАТО од Авганистан значи еден сериозен сигнал за европската безбедносна и надворешна политика да почне да ги прави операбилни воените сили на Европа и да не се ослонува исклучиво на НАТО и на САД како најголема воена сила во рамки на Алијансата. Сите случувања поврзани со Авганистан и преговорите што во моментов ги прави со Турција, значително ќе влијаат на носењето на одлуките за воено присуство на САД на Медитеранот и во земјите од Западен Балкан. Интересот се сели на регионот на Црното Море према Украина и заминување од земји каде веќе нема потреба од американско воено присуство. Америка политички никогаш нема да го изгуби интересот за Балканот, затоа што тука се вкрстуваат интересите и на Кина и на Русија и на земјите кои го поддржуваат Истиочнит блок, вели Ременски за „Локално“.
Ременски посочува дека военото присутво на Америка на овие простори особено на териториите на т.н. Дејтонска Босна или Рамковна Македонија и Косово, дава една сигурност.
-Сите американски вложувања во изминатите 20 години на овој простор зависат од институционалниот капацитет и човечките ресурси. Америка не може да биде позаинтересирана за нашите простори од нас самите како држави и како народи. Во таа насока беше и пораката на Бајден „Не можеме ние да се бориме за Авганистанците повеќе од тоа што ќе го прави авганистанската армија и полиција. Македонија е дел од глобалната коалиција за борба против тероризмот и независно дали таа почнала од Авганистан, нема да завшри со нивното повлекување. Таа глобална војна ќе продолжи. Европа треба да биде свесна дека нема да биде безбедна, без безбеден Балкан и добро конторлирани граници. Ние сме заштитници на Европа, од мигрантските движења но и од сите други движења. Тоа веќе го докажавме, рече Ременски.
Според професорот Ружин кој учествуваше и на состанокот на Стратешкиот совет при Министерството за надворешни работи каде се дискутираше за можните последици од авганистанската криза врз Македонија, вели дека во моментот Америка се повлекува од т.н. „жешки“ терени каде има конфликти и токму затоа САД нема да дозволат конфликт и во Косово.
-Однесувањето на Америка не е резулат на т.н. „нова епоха“, во според која САД нема повеќе да водат војни.
Војните сега се добиваат според сосема нови методологии, според кои не мора државата да се окупира за да се влече корист од неа. Сега една земја може да се „окупира“ и со најразлични пропаганди и инвестиции. Војната во Авганистан беше многу скапа. Според одредени проценки таму имало околу 130 000 војници. Американците, војната ги чинеше со трилиони долари. Таму имаше војна, вели Ружин.
Пред само неколку денови Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека тоа што се случува во Авганистан, но и сите други геополитички поместувања покажуваат дека непредвидливоста останува главната карактеристика на меѓународен план, а непредвидливоста носи голем број кризи“.
Темата на состанокот на Стратешкиот совет беше дефинирање на десетгодишна стратегија за надворешната политика во рамки на процесот „Рефлекција 2030“, но најактуелна беше за геополитичките процеси со акцент на Авганистан.
Повлекувањето на воените американски сили од Авганистан беше последица на договорот од Доха на поранешниот американски претседател Доналд Трамп со Талибанците. Доколку не беше испочитуван договорот, сегашниот претседател Џо Бајден требаше да избира меѓу повлекувањето на американските војници или, пак, носење на нови воени сили што би значело ескалација и нова војна. Тие својата задача ја исполнија за она за што беа 20 години во Авганистан, го ликвидираа Осама бин Ладен. Кога ќе одлучат дека ја исполниле својата улога на Косово и потоа да се повлечат, времето ќе покаже.
Б.Т.