На пописот во Бугарија има графи за Бугари, Турци и Роми, но не и за Македонци

од desk4
860 прегледи

И во Македонија и во Бугарија паралелно се одржува статистичката операција на попишување на населението. Од источниот сосед денеска стигна информација дека бугарската Фондација „Македонија“ ќе испрати писмо до претседателот на Народното собрание и до претседателот на државата со цел, да се воведат промени во Законот за бугарско државјанство.

Со писмото ќе се бара да им се одземе бугарското државјанство на оние лица, кои во Македонија се декларирале со различна етничка припадност од бугарската, а имаат добиено бугарско државјанство врз база на етничката свест како Бугари.

За ваквите најави, универзитетскиот професор Борче Давитковски за „Локално“ вели тоа е нивен проблем, бидејќи бугарскиот закон за државјанства дозволува двојни државјанства.

-Сега тие сакаат да ја стопираат целата постапка на издавање на бугарски државјанства бидејќи имаат над 50.000 пасоши, а на последните парламентарни избори на гласачките места отворени во Македонија, гласаше само мал број на граѓани кои се изјаснија како Бугари. Со тоа паднаа во вода бугарските задни намери, со раздавањето на државјанства и пасоши да ги направат македонските граѓани Бугари. Бугарскиот пасош за нашите граѓани беше и остана само фиктивен документ, бидеќи кај нив нема чувства за бугарска припадост. Тоа се виде и на последните избори кога како Бѕугари гласаа само 50 граѓани од Македонија. Со тоа уште еднаш се покажа дека нашите граѓани земаат бугарски пасоши за да можат да најдат вработувања и други погодности во земјите од Западна Европа. Бугарија е членка на ЕУ и полесно се функционира со бугарски пасош, а не дека нашите граѓани се големобугари. И на досегашните пописи во Македонија многу мал број на граѓани се изјаснуваа како Бугари, рече Давитковски за „Локално“.

По стартот на пописот (05.09.2021 г.) во Македонија, денеска (07.09.2021 г.) започна и комбинирано (електронско и теренско) попишувањето на населението и во Бугарија.

„Локално“ разговараше со претседателот на ОМО Илинден Пирин, Стојко Стојков за пописот во Бугарија. Тој вели дека и на овој пат исто како и на претходните неколку попишувања, нема графа Македонци, туку само графи за Бугари, Турци, Роми и „други“.

-Во принцип во графата „други“ се попишуваат најголем број на Македонци во Бугарија. Но и тука имаме проблеми бидејќи бугарските агитатори на секој можен начин ги обесхрабруваат да се попишат како Македонци. Многу често попишувачите не ги прашуваат Македонците како сакаат да се изјаснат. Така беше на минатитот попис кога Националниот статистички институт на Бугарија намерно направи да има 730.000 илјади граѓани или 10 проценти од населението на Бугарија, без самоопределба, вели Стојков.

Стојков посочува дека никогаш и не престанало негирањето на Македонците и дека досегашните пописи биле проследени со инциденти.

-Да речеме дека некој сака да се попише како Македонец, се се агитираат да се запишат во графата „друго“ бидејќи немало Македонци. Ние сите вакви инциденти и од овој попис ќе ги регистрираме и ќе ги проследиме до меѓународните организации. ОМО Илинден Пирин неодамна пушти повик со кој ги повика Македонците слободно да се изјаснат. Сега за сега на овој повик нема реакција од бугарските власти, како на пример на последниот попис, кога беше покрената истрага против нас, вели Стојков.

Стојков вели дека на последниот попис во Бугарија пред десет години во 2011 години биле попишани само 1.600 Македоници, додека пак, на пописот пред 20 години како Македонци се изјасниле 5.070 граѓани. Според претседателот на ОМО Илинден Пирин, со ваквото системско прикажување на мал број на Македонци во Бугарија, бугарските власти сакаат да покажат дека има демократија, но посочува дека тоа не важи бидејќи во една демократска држава не може на последниот попис да има попишано 730.000 граѓани без националност.

Претседателот на бугарската Фондација „Македонија“, Виктор Стојанов, тврди дека Бугарија во изминативе 30 години прави клучни грешки со давањето на бугарско државјанство на Македоници, бидејќи според неофицијалните информациите што ги имал од пописот во Македонија за два дена од околу 100.000 попишани граѓани се изјасниле како Бугари  само 72 лица.

-Многу важно е да се каже дека има 130.000 илјади бугарски државјани од Македонија, кои добиле бугарско државјанство врз основа на бугарското потекло и декларираната бугарска етничка свест заверени на нотар. Поголем дел од тие 130.000 лица веројатно не живеат во Македонија и нема да учествуваат во пописот, а тие што живеат таму имаат законска обврска да се попишат како Бугари, вели претседателот на Фондацијата Стојанов.

А во Бугарија пак, уште на првиот ден од пописот, се појави технички проблем, поради што околу еден час не можело граѓаните да се регистрираат во системот.

Бугарската агенција BGNES објави дека утрово имало хакерски напад на пописот кој го спроведува Нациналниот статистички институт, но дека експертите брзо ги идентификуваа ИП адресите на сторителите и нападот бил блокиран.

Б.Т.