Македонија денеска го слави својот јубилеј 30 години независност. На овој ден на 8 септември 1991 година македонските граѓани гласаа на Референдумот и се определија за патот на кој Македонија стана суверена и самостојна држава. Најголемиот дел од граѓаните дури 95% излегоа и позитивно одговорија на референдумот.
Што се случуваше на овој ден пред три децении, за „Локално“ говори учесник во тие настани.
-На 8 септември 1991 година откако гласав на Референдумо за независна Република Македонија, масовно се собравме на плоштадот во центарот на Скопје. Кога стигнавме веќе беше преполн со среќни и насмеани луѓе полни со ентузијазам. Не можевме да се пробиеме поблиску до бината на која веќе беше целиот државен врв, Глигоров, Кљусев, Георгиевски и други. Мирно застанавме кога се интонираше химната. Од далечина слушнав како Глигоров вели „Да ви честитам слободна, суверена и самостојна Република Македонија“. Бев среќен и горд што конечно имаме своја независна држава, вели нашиот соговорник.
Референдумското изјаснување во Македонија соседите не го одобрија. Атина го оцени како „скопска“ опасност за Грција. Бугарија дека ќе ја признае државата, но не и нацијата, а Албанија го одобри бојкотот на албанската етничка заедница во земјата.
Од тогаш летнаа 30 години. Што преживеа државата и дали Македонците ја остварија својата цел? За „Локално“ на оваа тема говори академик Владо Камбовски. Тој посочува дека со прогласувањето на независноста македонскиот народ и граѓаните со сигурност го остварија вековниот сон да имаат своја сопствена држава која постојано ги совладува тешкотиите на својот пат. Порачува дека што поскоро државата треба да излезе од статусот на заробена и хибридна држава во демократска и правна држава. Според Камбовски со подигање на стандардите кои веќе владеат во нашето мултикулурно општество треба да се стремиме што поскоро да станеме членка на ЕУ.
-Ние ја имаме таа привилегија од илјадниците народи во светот да станеме една од државите членки на ОН и субјект во меѓународното право и меѓународните односи. Таква привилегија не уживаат бројни дури и поголеми народи, кои исто така имале своја култура и традиција и која сеуште во различни делови од светот бараат да го остварат своето прво на национално самоопределувалње. Тоа е значаен факт и Македонија покрај сите свои внатрешни проблеми, покрај сите свои понекогаш неконзистентни проекти како што е процесот на транзиција, економскиот развој кој не е на потребното рамниште, проблемите со демократскиот развој, особено со проблемите на владеење на правото, опстојува на својот пат и постапно се подготвува за значаен чекор, а тоа е пристапување кон полноправно членство во ЕУ, вели Камбовски.
Според Камбовски придобивките на целокупнот развој, започнат уште од НОВ и АСНОМ, врз традициите на националноослободителното движење, од Илинден па и пред Илинденското востание, сумирани низ самостојниот развој на државата како членка на меѓународната заедница, не смеат да се фрлат во сенка, да бидат игнорирани од тешкотиите со кој се соочува развојот на Републиката, од тешкотитите и проблемите што се создадени во контекст на региналните односи на Балканот.
-Треба да разбереме дека и овие недоразбирања со нашите соседи се последица на еден долг и мачен процес низ кој се пробивале балканските земји во својот историски развој. Сега, ние условно да речеме ги трпиме, односно ја плаќаме цената за сите тие неповолни тенднеции особено големдржавни тенденции кои постоеле во целиот период во создавањето на националните држави на Балканот во средината на 19 век па се до денес. Силата на таа историска тенденција е голема и не смее да се потценува бидејќи постојано претендира да се појави во вид на националистички стремежи во вид на големодржавни идеи. Но, само со упорна работа и трпеливост во совладување на предизвиците на новото време, глобализацијата, евроинтеграциите пред тоа интеграциите во НАТО, мислам дека ќе имаме доволно сили и со поддршка на нашите партнери, Стратешкото партнерство со САД, пристапувањето во ЕУ за кое наскоро очекувам да почнат преговорите, да го изведеме успешно процесот до крај, вели Камбовски.
Според Камбовкски најважно од се е дека членството во ЕУ е нашата цел, бидејќи како зедница ги остврува идеалите на сите генерации за живот и слобода во еднаквост и мир во толеранција и во еден систем кој овозможува остварување на природните човекови права и слободи, до правото на здрава животна средина, културните права и дурги.
Б.Т.