Германското обвинителство спроведе претрес во министерствата за финансии и правда, како дел од истрагата против владината агенција за борба против перење пари, под сомнение за неуспеси во борбата против финансискиот криминал.
Истрагата против Единицата за финансиско разузнавање (ФИУ) сака да утврди дали е наредено да се игнорираат предупредувањата за сомнителни трансфери на пари.
ФИУ е агенција на Министерството за финансии, раководена од социјалдемократот Олаф Шолц.
Претресот дојде во клучен момент за Шолц, кој, според анкетите, има добри шанси да биде избран за следен германски канцелар на изборите на 26 септември оваа година.
Портпаролот на обвинителството рече дека истрагата е покрената по добиени поплаки дека ФИУ не одговорила на предупредувањата за сомнителни трансакции вредни милиони евра што се случиле помеѓу 2018 и 2020 година, вклучително и кон Африка.
Шолц неодамна изјави дека го зголемил бројот на вработени во ФИУ од 165 на речиси 500 и инвестирал многу во подобра опрема.
Обвинителството, пак, вели дека бројот на пријави за сомнителна активност драстично е намален откако ФИУ ја презеде контролата врз перењето пари. Обвинителите, исто така, рекоа дека претходните истраги открија обемна комуникација помеѓу ФИУ и министерствата што беа претресени во четвртокот.
Според луѓето запознаени со работата на ФИУ, агенцијата со години се бори со предупредувањата за сомнителни трансфери на пари.
Шолц го коментираше случајот, велејќи, меѓу другото, дека обвинителите „можеле да ги испратат своите прашања во писмена форма“.
ФИУ одби да коментира за случајот.
Истрагата доаѓа во време кога напорите на Германија за борба против перењето пари ги оценува Работната група за финансиска акција (ФАТФ), меѓународна асоцијација чија цел е спречување на финансиски криминал.