Официјален е предлогот претставен за време на претседателството на Португалија со Европската Унија. Сметаме дека тој предлог овозможува решенија прифатливи за сите страни, велат од Владата во одговор за МИА дали во оптек е нов нон-пејпер за решавање на спорот меѓу Македонија и Бугарија.
Од „Илинденска бб“ додаваат дека Република Македонија останува посветена во процесот, со цел надминување на разликите со Република Бугарија, со што и би се отстраниле пречките за почетокот на пристапните преговори со ЕУ.
-Тоа е во интерес на граѓаните на двете држави, а со тоа и на европската агенда. Се надеваме дека колку може поскоро ќе се создадат политички услови во Бугарија за да се отвори можноста за интензивен дијалог меѓу Скопје и Софија за решавање на прашањата кои предизвикаа блокирање на процесот на проширување на ЕУ, се додава во одговорот од Владата.
Во нон-пејперот, кој го објави ТВ Клан, се тврди дека во Република Македонија, пак, ќе се засили контекстот на мултиетничкото општество преку вклучување и на бугарскиот наратив. Се предлага Бугарите да се внесат во Утавот, соодветно како и сите други етнички заедници, здруженијата на Бугарите со тоа ќе добиеле заштита и посебна нега од државата за да негуваат, да промовираат и изучуваат сопствен аспект на историските настани и тоа ќе им било уставно загарантирано. Се додава и дека мнозинскиот дел од словенскиот народ, кои себе се идентификуваат како Македонци, и кои сметаат на историскиот контекст за посебност на македонскиот народ ќе ја задржат можноста за сопствен аспект и наратив на оваа заедничка историја.