Царовска: Годинава отворивме 97 дуални паралелки во 44 училишта

од Nikola Popovski
158 прегледи

Го почнавме процесот на институционална трансформација на стручното образование и со поддршка на Швајцарската амбасада преку проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“(Е4Е@мк) направивме навистина многу. Социјалниот дијалог меѓу бизнис секторот, коморите, општините и училиштата даде добар и очекуван резултат. Од само 10 дуални паралелки во минатите години, оваа година се отворени 97 и во нив се запишаа 1.384 ученици, во 44 училишта. Склучени се договори со повеќе од 200 компании. Ни претстои уште многу работа на зацврстување на довербата меѓу бизнис секторот и училиштата, со цел младите да се стекнат со знаења, вештини и искуство кои ќе им овозможат полесно вклучување на пазарот на трудот“, укажа министерката Мила Царовска на одбележувањето на 60 години активност на  Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC).

Во виртуелната презентација на успешните проекти што Швајцарската агенција ги поддржува на четири континенти, „Учи паметно, работи стручно“ беше посочен како успешен модел за создавање подобри услови за стручно образование и вработување за младите.

Годинава Министерството за образование и наука ја промени и политиката за стипендирање на учениците од средното стручно образование, што исто така придонесе за зголемување на атрактивноста на овие училишта и за зголемување на бројот на ученици кои ги одбраа средните стручни училишта за 6%, споредено со минатата година. Обезбедени се 2.000 стипендии во месечен износ од 3.500 за 9 месеци во годината за сите кои се запишани во дуална паралелка или тригодишно средно стручно образование, а кои ги исполнуваат условите од конкурсите објавени за оваа намена.

Слични содржини