Фејсбук потврди дека Инстаграм влијае на самоубиствените мисли на младите

од Vladimir Zorba
347 прегледи

Протечени документи покажуваат дека Фејсбук сокрил внатрешна студија за штетното влијание на нивната апликација Инстаграм врз тинејџерките во тајност најмалку две години, додека директорите на Фејсбук во јавноста постојано го минимизирале и го заобиколувале проблемот.

Инстаграм, платформа за споделување фотографии и видеа, која е во сопственост на Фејсбук од 2012 година, е одговорна за предизвикување самоубиствени мисли кај младите корисници, пишува лондонски „Тајмс“.

Во фокус групите, тинејџерките во Обединетото Кралство и Соединетите држави го обвинија Инстаграм за чувство на вознемиреност и депресија, откри внатрешна студија што протече во јавноста и беше објавена за прв пат од „Волстрит Журнал“, истакнувајќи дека Фејсбук е свесен дека Инстаграм ја влошува сликата за телото на секоја трета тинејџерка што ја користи апликацијата.

„Триесет и два проценти од тинејџерките рекоа дека имаат лошо чувство за своето тело поради Инстаграм“, напишаа истражувачите на Фејсбук во презентацијата, подготвена во март 2020 година.

Меѓу тинејџерите кои пријавиле самоубиствени мисли, додава „Тајмс“, 13 проценти биле корисници од Велика Британија и шест проценти од САД.

„Споредбите на Инстаграм можат да го променат начинот на кој младите жени се гледаат и опишуваат себеси“, се вели во една рецензија, додека друга истакнува дека тинејџерите го обвинуваат Инстаграм за зголемувањето на стапките на анксиозност и депресија, а истражувачите заклучиле дека реакцијата била конзистентна во сите групи.

Од друга страна, според „Тајмс“, извештајот што протече покажува дека извршниот директор на Фејсбук, Марк Закерберг имал презентација на наодите од 2020 година, кога на конгресното сослушување во март оваа година рече дека истражувањата покажуваат дека користењето апликации за поврзување со други луѓе „може да има позитивни придобивки за менталното здравје“.

Истражувањето на Инстаграм е најдлабокиот поглед на она што го знае Фејсбук за неговото влијание врз тинејџерите и нивната ментална благосостојба, а исто така покажува дека технолошкиот гигант направил минимални напори да се справи со перцепираните проблеми и да ги минимизира јавно, пишува Волстрит Журнал.

Слични содржини