Премиерот Зоран Заев не смета дека треба да даде оставка од морални причини поради пожарот со 14 жртви во модуларната болница во Тетово.
-Мицкоски да дојде, премиер да биде? Не размислувам за оставка, а премиер или заменик премиер ќе биде претседателот на Алијанса кога ќе заслужи, кога ќе биде тука да даде идеи, да понуди решенија, не грозотијата да ја користи на најперфиден начин и тоа за време на трите денови на жалост, се од пуста желба за власт, да се победи. Сѐ додека вака се однесуваат ќе губат на избори. Другата алтернатива е ова, заедништвото, инвестициите, повисоките плати, придонес во БДП, изјави денеска премиеро Зоран Заев за време на посета на нова фабрика за кабли во Сарај.
Села и Мицкоски излегоа со своја рекација по изјавата на премиерот
-За жалење си премиере, толку многу ве заслепи власта што не оставивте вредност во чие име дојдовте на власт, без да ja прегазите. Но, не заборавајте едно, не сме сите исти. Тешко е да се разбере зошто-то на оставката бидејќи вие тоа го немате во себе. А тоа е совестa, моралот а не власта, напиша првиот човек на Алијанса за Албанците, Зијадин Села на Фејсбук.
Во текот на денот премиерот Зоран Заев одговори на новинарско прашање дали ќе поднесе оставка по барањето токму на Села.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со денешната изјава на Зоран Заев дека не планира да дава оставка по трагедијата во Тетово, рече дека чуствува гадење.
-Кога човек ќе се поистовети со функцијата и кога себеси ќе се интерпретира како функцијата –тоа сум јас, во услови кога невини човечки животи згаснаа е тажно и е жално. Доколку тој човек не чувствува никаква морална одговорност и тоа се обиде да го интерпретира дека ако тој заминел, Мицкоски ќе бил премиер, тогаш освен она благо чувство на гадење кое во овој момент го имам, друго немам ништо да кажам, рече Мицкоски за изјавата на Заев денеска.