Иако кампањата за локалните избори официјално уште не почнала, препукувањата меѓу партиите од власта и од опозицијата во албанскиот политички блок добива на „црн“ интензитет. Ова е коментарот на дел од експертите за однесувањето на партиите од албанскиот кампус. Тие не сакаат јавно да говорат за политичкиот ривалитет меѓу ДУИ и Алијансата за Албанците со образложение дека „не би било коректно да изнесуваат ставови во предизборната кампања“.
Обвинувањата меѓу ДУИ и Алијансата особено се разгореа откако градоначалничката Теута Арифи ги повика партиите на кратка изборна кампања во знак на почит кон 14 -те жртви на 8 септември.
-Како градоначалник и кандидат за градоначалник на Тетово, ги поканувам сите политички партии да го потпишат овој меморандум за разбирање, за кратка изборна кампања во знак на почит кон 14 -те жртви на 8 септември – се вели меѓудругото во меморадумот на Арифи упатен до политичките парти кои ќе настапат во трката за градоначалничката фотелја за Тетово.
За Алијансата за Албанците повикот на Теута е лицемерен.
-Наместо одговор што треба да го добијат тетовчани, најнеуспешната градоначалничка во историјата на Тетово, денес ни излезе со лицемерен меморандум со кој се обидува да ги замолчи противкандидатите и да си ги испере рацете од штетата што ја предизикала, направила низ Тетово, се вели во денешното соопштение на Алијансата за Албанците.
И додека јавноста ги слуша жестоките обвинувања на албанските партии, политичарот Петар Богојевски за „Локално“ вели дека ДУИ и Алијансата едно говорат пред граѓаните а друго зад нивниот грб. Наводно тој тврди дека двете партии се договориле меѓусебно да си дадат поддршка за локалните избори во Општина Чашка се со цел да се порази кандидатот Македонец. Кандидатот за градоначалник Саут Шаќири од редовите на ДУИ наводно според тој договор ја добил поддршката од Алијансата, а за возврат ДУИ ветила дека ќе го подржи носителот на листатата од редовите на Алијансата.
-Албанските партии покажаа дека сеуште живеат во 18 век и немаат „Г “ од граѓански опции и граѓанска држава. ДУИ и Алијансата за Албанците повторно со „гол“ етнонационализам седнале и се договориле за Општина Чашка да поддржат ист кандидат, се со цел да ги надгласаат Македонците во оваа општина. Без разлика што во јавноста глумат дека се некаква конкуренција, тие понудиле кандидат за градоначалник од ДУИ а носител на листа од АА. Тоа е поведение кое и двете опции одамна требаше да го напуштат и наместо тоа да понудат граѓански листи или кандидат градоначалник Албанец, кој ќе биде чесен и стручен за општината. Наместо тоа тие одлучиле со безобразен етнонационализам да понудат етничка битка во Општината Чашка, вели Богојевски.
Богојевски за „Локално“ тврди дека добил информации оти активистите на ДУИ и Алијансата на тој начин сакале да ја остварат големо – албанската идеја затоа што на тој начин ќе била освоена уште една „каурска“ општина во централна Македонија.
– За возврат, за подршката на кандидатот на интегративците за Чашка, Алијансата барала и поддршка за својот кандидат за градоначалник во Брвеница, за да може на локалните избори и во оваа општина да го победат кандидатот Македонец. Таквиот предлог ДУИ го отфрлила бидејќи партијата веќе се договорила да даде поддршка на кандидатот на СДСМ. Ваквиот „дил“ е само уште еден доказ дека партиите прават битпазарски шеми, трампајќи ги општините меѓу себе како да се стока, а не институции кои треба да работат во интерес на граѓаните, вели Богојевски.
Според претседателот на Македонски концепт Богојевски ваквиот етнонационализам можеби би бил нормален во 18 и 19 век но не и во 21. Тој смета дека на ваков начин не се прави граѓанска држава. Затоа тој потсетува дека на минатите избори како политичка опција промовирале „забрана за етнички партии“.
Б.Т.