Нема промени во предусловите и правилата за влез во Грција. Задолжителниот документ за Ковид-19, како и пополнет PLF формулар, кои меѓу другото, важат и за државјаните на Северна Македонија, продолжени се за уште една седмица, до следниот петок 24 септември 2021 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Промени нема ни во однос на мерката за лицата кои патуваат со негативен тест, за нив и понатаму е задолжително тестирање при влезот во Грција, а за патување од Македонија отворени се сите гранични премини.
Првата опција е целосно да ја имаат завршено вакцинацијата 14 дена пред патувањето и да достават сертификат за вакцинација на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, издаден од јавна установа и да ги содржи податоците: име и презиме, како што се заведени во пасошот, вид на вакцина и бројот на дози, заедно со датуми кога се примени.
Втората можност е со негативен тест: или ПЦР направен во последните 72 часа пред патувањето или антигенски (брз) тест направен 48 часа претходно. И за двете опции, тестирањето треба да биде во одобрена од државата на потекло приватна или државна лабораторија, а потврдата да биде на грчки, англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик, а исто како и за сертификатот, треба да ги содржи и името и презимето на лицето кое патува, онака како што се заведени во пасошот.
Во однос на оваа опција се дополнителните мерки, односно задолжителното тестирање при влезот за туристи од 16 земји меѓу кои и Северна Македонија.
Поконкретно, за „сите патници, независно од државјанството и начинот на влез, кои во Грција пристигнуваат од државите: Египет, Албанија, Аргентина, Северна Македонија, Бугарија, Бразил, Грузија, Куба, Обединетите Арапски Емирати, Индија, Кина, Либија, Мароко, Пакистан, Русија и Турција“, кои патуваат со негативен тест, предуслов за влез е да добијат негативен резултат од задолжителното тестирање со ПЦР/ рапид тест на влезните точки во Грција.