Османи: Македонија ги прими 50-те илјади вакцини Фајзер од Бугарија

од Nikola Popovski
340 прегледи

Министерот за надворешни работи Бујар Османи утрово информираше дека Македонија ја добила донацијата вакцини од соседна Бугарија.

-Вчера Северна Македонија ја доби донацијата од повеќе од педесет илјади вакцини Фајзер од Бугарија, кои се веќе дистрибуирани и подготвени за употреба. Ова е голем гест на пријателство и солидарност, стои во објавата на Османи на Твитер.

Бугарското Собрание на 8 септември ја одобри донацијата од над 50.000 вакцини за Македонија. Министерот за здравство на Бугарија, Стојчо Кацаров тогаш појасни дека донацијата требало да се изврши во јуни, но поради проблеми со процедурите тогаш тоа не било извршено.

Рокот на вакцините истекува до 30-ти септември.

-Информираме дека согласно точните проекции за потребите за ревакцина со вакцината на „Фајзер“, како и големиот интерес за прва доза од овој производител, сите дози ќе бидат аплицирани далеку пред истекување на рокот на важност. Вакцините од производителот „Фајзер“ кои треба да пристигнат како донација од Република Бугарија ќе бидат аплицирани за 5 до 7 дена од нивната дистрибуција на пунктовите, информираа неодамна од Министерството за здравство.

Слични содржини