Министерот за финансии Фатмир Бесими, на Првата годишна конференција на тема „Економско закрепнување и раст по Ковид“ во рамки на Економскиот и финансиски форум (Skopje Economic and Financial Forum 2021), порача дека за годинава е проектиран раст од 4,1 процент и просечен годишен раст од 5,4 проценти за наредните пет години.
– Следејќи ги позитивните економски трендови во текот на годинава вклучително и третиот квартал, најверојатно ќе имаме нови проекции за повисок раст на БДП за 2021 година. Со цел да осигуриме дека ова нема да остане само желба, подготвивме План за финансирање на економското заздравување и забрзување на растот, а притоа и одржување на фискалната стабилност преку мобилизација на капиталот од приватниот сектор, како дополнување на предвидените средства од Буџетот. Истовремено фокусирани сме на фискална консолидација на среден рок преку намалување на буџетскиот дефицит и јавниот долг и нивно сведување на ниво од 3% и 60%, респективно, како дел од БДП. За волја на вистината, поради длабочината на пандемиската криза, и Европската Унија ја активираше општата клаузула за изземање (“general escape clause”) од фискалните правила и воведе привремена суспензија на мастришките критериуми, рече Бесими.
179