На барањата на Националното Координативно Тело за Пописот на Турскиот народ во РСМ, како најголем орган што ги пренесува ставовите на Турскиот народ во РСМ, очекуваме од Државниот завод за статистика да го реши проблемот во најкраток моженк рок и да има попишувачи во доволен број и од турската етничка припадност. Ова е барањето на Националното тело кое е испратено до ДЗС и до Министерството за правда.
За ваквите барања, директорот на Статистика Апостол Симовски за „Локално“ вели дека огласот за пријавување на попоишувачи траел 40 дена.
– Имавме оглас речиси месец ипол за да се пријават попишувачи. Не се јавија доволен број. Сега тоа го решаваме на различен можен начин луѓето да се попишат на турски јазик. Оние што бараат да бидат попишани на турски јазик тоа право им го остваруваме. Ние попишуваме тоа што ќе кажат, попишаните. Ако некој се изјасни како Турчин тоа и го пишуваме. Ние не исполнуваме желби, туку граѓаните ги попишуваме исклучиво врз основа на нивниот одговор, согласно методологијата и упатставата дадени на попишувачите, без влијание исклучиво според нивната желба и волја. Колку ќе излезат Турци на крај не е наша преокупација, бидејќи нашата цел е да ги попишеме сите граѓани, вели Симовски за „Локлано“.
Од друга страна пак пред два дена Движењето Аваја ја информираше јавноста дека Ромите од Струмица се под притисок да се попишат како Турци.
Во нивното соопштение пишува дека во населбата Транзит во Струмица индивидуални групи припадници на турската заедница заедно со попишувачи вршат манипулации и притисоци врз ромската заедница. Целта на овие активности на индивидуалните групи е припадниците на ромската заедница е да бидат попишани како Турци на пописот.
-Од информациите на терен, индивидуални групи припадници од турската заедница одат на терен заедно со попишувачите во посета на семејствата, доделуваат знамиња и други реквизити, при што целосно се нарушува интегритетот на целиот процес на попишување. АВАЈА бара од надлежните институции да реагираат брзо и да спречат било какви притисоци и манипулации, а лицата да бидат отстранети од позицијата попишувачи и казнети согласно член 49 од Законот за попис (2021) кој наведува дека ваквите случаеви се казнуваат со казна затвор од најмалку 3 години, стои во соопштението до меидумите.
Аваја информира дека како движење активно го следи пописот со структура од повеќе од 20 тим лидери и 120 волонтери при што инфорираат дека по претходно утврдена методологија АВАЈА направи мапирање на ромската заедница и точно знаат колку Роми живеат во секоја општина.
-Доколку се повторуваат вакви случаи Ние како заедница сме приморани да го бојкотираме пописот и да не ги признаеме официјалните резултати од истиот. Истакнуваме дека Аваја спроведува кампања за значењето на пописот и допринесува за генерално спроведување на пописот, меѓутоа секоја злоупотреба ќе биде комуницирана до јавноста, пишува во соопштението.
Според АВАЈА ова е втор случај откако пред два дена во Велес попишувач навел дека не може да го најде делот наменет за религија, јазик и етничка припадност во пописниот прашалник по што пописот на лицето завршило без да биде попишано како Ром.
Од АВАЈА информираат дека од Директорот на Заводот за Статистика, Апостол Симовски добиле објаснување дека лицето е отстрането од позицијата попишувач, но не добиле одговори на прашањето, дали Државниот Завод за Статистика ќе направи ревизија на веќе пополнетите прашалници, дали постои процедура која треба да се следи во случај на погрешно пополнување на пописниот прашалник, како и да упати изричити насоки до попишувачите и државните инструктори за строго почитување на методологијата, правилата и процедурите за попишување.
Б.Т.