Бочварски: Го раздвижуваме авиосообраќајот во земјата, од денеска директна авиолинија од Санкт Петербург до Скопје

од Nikola Popovski

Денеска, на Меѓународниот аеродром Скопје, министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, присуствуваше на воспоставување на првиот лет од Санкт Петербург.

Руската авиокомпанија „Нордвинд“ отвори нова авиолинија на релација Санкт Петербург-Скопје и обратно. Сообраќајот ќе се одвива секој вторник, со време на пристигнување на Меѓународниот аеродром „Скопје“ во 13:35 часот и време на полетување за аеродромот „Пулково“ во Санкт Петербург во 14:40 часот.

Бочварски потенцираше дека оваа авиолинија има голем потенцијал, како за бизнис патниците, така и за туристите, за зголемување на бизнис релациите, но и за подобрување на пријателските односи меѓу двете земји.

Министерот информираше дека има тренд на раст во авиосообраќајот, споредбено со минатата година кога поради Ковид кризата се воведоа рестрикции во меѓународниот авиосообраќај.

„За споредба, во периодот јануари – август 2021 година, во однос на истиот период лани 2020 година, имаме тренд на зголемување од 48 проценти на летови на двата аеродроми, од кои на скопскиот аеродром имаме зголемување од 51 процент, а на охридскиот 17,4 проценти. Исто така, зголемување бележи и карго превозот од 60 проценти, што е доказ за раздвижување на авиосообраќајот“ – истакна Бочварски.

Во овој момент, од Меѓународниот аеродром Скопје има летови кон 39 дестинации во Европа и светот, а од охридскиот аеродром кон 10 дестинации.

Во моментов Македонија и Русија се поврзани со три директни авионски линии – две на релација Скопје-Москва и една на релација Скопје-Санкт Петербург.

Слични содржини