Колку повеќе се ситнат деновите до почетокот на изборната кампања која треба да започне на 27 октомври и ќе трае 20 дена, толку повеќе станува тензична атмосферата во Собранието. Спикерот Талат Џафери неодамна најави дека во овој период законодавниот дом нема да заседава, освен ако има потреба од итна седница, за да не може парламентот да се користи како изборна арена.
Во моѓувреме од собранискиот дневен ред на пленарните и комсиските седници се симнуваат закон по закон бидејќи опозициската партија ги блокира, со долги процедурални забелешки, или пак доколку комисиите се водени од членови од Алијансата и ВМРО-ДПМНЕ не дозволуваат да започне расправата по законските решенија предложени од владејачкото мнозинство.
И денеска поради жестоката расправа, наметната од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на Комисијата за труд и социјална комисија не можеше да започне амандманската расправа. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ неколку часа говореа само процедурално, со што не дозволија да се усвои дневниот ред на кој прва точка беше Законот за работни односи за недела – неработен ден, во второ читање, со кој се предвидува од 1 октомври недела да се прогласи за неработен ден.
Наместо амандманска расправа членовите на Комисијата од редовите на ВМРО-ДПМНЕ со часови барале да се разгледува Информација во врска со реализација на проектот за набавка и пуштање во употреба на модуларните болници, велат во владејачкото мнозинство.
За да може законот да се донесе и да почне да се применува од 1 окотомври Министерството за труд и социјална политика апелираше пратениците од опозцијата да не го блокираат бидејќи е во интерес на работниците.
-Министерството за труд и социјална политика апелира до пратениците од опозицијата да не ја кочат собраниската процедура за предлог-законот за изменување и дополнување на работните односи, со кој се дефинира дека недела е ден на неделен одмор. За жал, во текот на целиот ден, на Комисијата за труд и социјална политика, поради процедурални забелешки, не беше овозможено да се отвори расправа за предлог-законот, кој работниците го очекуваат и треба да почне да се применува од 1 октомври оваа година, пишува во соопштението на МТСП.
Денеска пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави и дека ќе поднесе иницијатива за формирање на Анкетната комисија за утврдување на одговорност за модуларните болници и трагедијата во Тетово.
За СДСМ пак, парламентот не е ниту истражен орган, ниту обвинителство, ниту суд. Посочија дека треа прво да се почекаат резултати од истрагата и тогаш ќе може да се разговара за факти и аргументи. Од таму посочуваат дека морбиден е начинот на политизација на трагедијата во Тетово за ситни дневно политички поени.
Пратеничката од СДСМ Бисера Костадиновска-Стојчевска, за навредите од нејзината колешка Рашела Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека покрај блокадите и одолговлекувањата, денеска членовите на Комисијата сведочат на низок, навредлив и морбиден говор на пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи.
-Наместо аргументации по однос на измените на Законот, Мизрахи денеска цел ден ги навредува пратениците и пратеничките, ги навредува министерките, дравствените работници, и сите други кои не мислат како неа. Мизрахи се однесува некрофилски, зборува за гробови и смрт, злоупотребувајќи ја тагата на семејствата на починатите во пожарот во Тетово, злоупотребувајќи ги чувствата на семејствата на починатите од коронавирусот, рече Костадиновска-Стојчевска.
Мизрахи, пак, во врска со наводите на СДСМ дека ги навредувала, посочи дека „ВМРО-ДПМНЕ е опозиција во недомократска држава во која се обидува да го ослободи народот“. Во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ, пишува дека власта се плаши од вистината и не сака да се зборува за околностите поврзани со тетовската трагедија и горењето на модуларната болница.
-Денес тие го одбија предлогот на пратеничката група на Комисијата за труд и социјална политика да се разгледува информација во врска со реализација на проектот за набавка и пуштање во употреба на модуларните болници. СДС– ДУИ гласаа против предлогот да се разговара отворено за пропустите при поставување и начинот на градба на болниците. Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ беше поттикната да побара расправа, пред сè поради многуте нејаснотии врзани со начинот на градба, немањето на употребна дозвола и сериозните пропусти при градбата на модуларните болници, пишува во паратиското соопштение.
Б.Т.