Со собраниска плата во изборна кампања

од desk4
324 прегледи

Пратениците oд понеделник, па во наредните 20 дена ќе  паузираат за да не ја претворат собраниската говорница во партиски мегафон. За денес се закажани само две парламентарни активности.

Првата е Комисијата за надворешна политика, на која своите платформи за дипломатските актиности ќе ги претстават, ополномоштениот македонски амбасадор во Руската Федерација, Ненад Колев, во Република Австрија, Освит Росоклија и во Република Италија, Весел Мемеди.

Втората активност во Собранието, пред пратениците да заминат на платен одмор кој ќе го искористат за партиски активности посветени на  локалните избори е известувањето дека спикерот Талат Џафери ќе учествува на десеттиот состанок на претседателите на Парламентите на земјите од Југоисочна Европа, посветен на проширувањето на ЕУ. Собраниските служби преку веб сајтот ја информираат јавноста дека состанокот кој традиционално се одржува на секои две години во Будимпешта, е во организација на Собранието на Република Унгарија.

-На состанокот е предвидено усвојување и потпишување на Заедничка изјава од страна на учесниците, која ќе биде испратена до националните парламенти на земјите членки на Европската Унија и до лидерите на европските институции, пишува во собраниската информација, информираат од Собранието.

Од законодавниот дом информираат дека предвидено е во воведниот дел на состанокот, свои излагања да имаат премиерот на Република Унгарија, Виктор Орбан, европскиот комесар за соседство и проширување Оливер Вархели и претседателот на Собранието на Република Унгарија, Ласло Ковер, по што ќе следат обраќања на претседателите на парламентите на земјите од Југоисточна Европа, вклучително и обраќањето на претседателот Талат Џафери. На состанокот, покрај претседателите на парламентите од земјите од Југоисточна Европа, ќе учествуваат и претседателите на парламентите на земјите од Вишеградската група.

Во меѓувреме остануваат блокирани битни закони, Предлог-законот за изменуање и дополнување на Законот за работни односи, со кој Недела ден за одмор, требаше да стартува од првио октомври, во второ читање и Предлог законот за Академија за судии и јавни обвинители во прво читање.

ВМРО-ДПМНЕ на Комисијата за труд и социјална политика со долги процедурални забелешки го блокираше ова законско решение кое предвидува 92 проценти од работниците да не работат во недела, а оние кои ќе бидат дел од работниот процес да земаат поголеми дневници и до 100%.

Од ВМРО-ДПМНЕ, посочија дека според последните инфорамции добени од Собранието до официјалниот почеток на изборната кампања ќе нема да биде свикана седница на Комисијата за труд и социјална политика на која е предлог законоското решение за недела неработен ден. 

Од друга страна пак, владејачкото мнозинство предводено од СДСМ обвинува дека опозицијата со своите блокади оневозможува реализација на законско решение со које им се овозможува на работниците во недела целото свое време да му го посветат на семејството, на пријателите, своето хоби.

Власта и опозицијата денеска се препукуваа околу формирањето на Анкетната комисијата која ја бара ВМРО-ДПМНЕ за утврдување на одговорност за трагичниот настан со модуларните болници.

Од опозициската паралментарна пратеничка група велат дека собраниското мнозинство ја одбива предлог-одлуката за да нема политичка одговорност. Од пратеничката група на СДСМ посочуваат дека ВМРО-ДПМНЕ поради својата деструктивност  блокира околу 40-ина закони, меѓу кои е и Законот за работни односи -недела неработен ден, и кој треба да се имплементира од 1 октомври, но и Законот за отпис на камати и репрограмирање на долгови и трошоци на јавни претпријатија.

Според собранискиот спикер Талат Џафери барањето е отфрлено бидејќи на него не стои уставното име.

-Доставената Предлог на Одлука за основање на Анкетна комисија за утврдување на факти и одговорност за пожарот во модуларната болница Ковид центарот Тетово од пратеници на ВМРО-ДПМНЕ не е во согласност со Амандманот 23 од Уставот на Република Северна Македонија и ви се враќа како неуредна. Истата да се усогласи во рок од 15 дена, вели Џафери.

Б.Т.