Министерството за Европа и надворешни работи на Албанија ја повика Србија „да ги повлече вооружените сили испратени на границата со Косово, како и да работи на итна деескалација на ситуацијата“, пренесуваат Репортери.
Во соопштението за печат се посочува дека Албанија е особено загрижена за „распоредувањето на српските вооружени сили во близина на границата со Косово и воените авиони што летаат во близина и над воздушниот простор на Косово, што ги охрабрува поединците да провоцираат немири и насилство, како и да го дестабилизираат Косово“.
„Овие акти се во спротивност со меѓународните договори кои имаат за цел да обезбедат ред и стабилност во тој дел од регионот. Ја повикуваме Србија да ги повлече своите вооружени сили испратени на границата со Косово и да работи на итна деескалација на ситуацијата. Ги повикуваме сите актери да покажат воздржаност и веднаш да преминат на дијалог, како единствен начин да се оди напред и да се решат отворените прашања во духот на соработката, на кои Албанија е неповратно посветена, во своите билатерални и мултилатерални напори“, велат од министерството.
Се додава дека Албанија „како сојузник во НАТО и одговорна членка на Обединетите нации, ќе стори сé што е во нејзина моќ за да ги поддржи сите напори за итна деескалација на ситуацијата и враќање на дијалогот“.