Швајцарскиот тенисер, Роџер Федерер се појави во Бостон на крајот од Лејвер купот и привлече големо внимание.
Федерер, кој е и основач на споменатото натпреварување, се појави на патерици во ТД Гарден, што за повеќето беше неочекувано.
Швајцарецот е надвор од терените од Вимблдон и се почесто се појавуваат прашања кога ќе се пензионира.
– Како и секој спортист, знам кога ќе дојде време да се пензионирам. Јас нема да бидам тој што ќе остане таму само за да остане. Знаете, јас се уште сакам да играм егзибициски натпревари и да се забавувам на различни места каде што не сум бил порано – рече Федерер.
На крајот, Швајцарецот нагласи дека нема да го жртвува своето здравје.
– Навивачите ми значат многу, но јас нема да го злоупотребувам своето тело. Се уште сакам да трчам со децата и да скијам – заврши Роџер Федерер.
За многумина, првата мисла по појавата на Федерер на патерици беше дека Рафаел Надал неодамна се појави на патерици по операцијата на стапалото, па многумина се прашуваат дали ова дефинитивно е крај на големата тројка на светскиот тенис, бидејќи само најдобриот се уште е во игра – Новак Ѓоковиќ.