Што ќе и донесат Вархеј и Фон дер Лајен на Македонија? „Данајски дарови“ или порака за ЕУ поддршка

од desk4
234 прегледи

Во наредните два дена во Македонија ќе пристигнат високи европски гости. Во вторник доаѓа претседателката на Европската Комисија Урсула фон дер Лајен, а ден подоцна, во среда еврокомесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеј. Очекувано на средбите со македонскиот државен врв ќе се разговара за ветото што Бугарија го стави пред речиси една година врз европската перспектива на Македонија.

Дали двајцата европски гости се добронамерници или, пак, во своите торби носат „данајски дарови“ засега останува непознаница. За соговорниците со кои разговараше „Локално“, ваквата дипломатска офанзива по малку  наликува на онаа пред да го смениме името.  Тие велат и тогаш, како и сега, во нашата држава пристигнуваа пораки со охрабрувачки содржини а секојдневно доаѓаа и гости од висок калибар од целиот свет.

На оваа тема „Локално“ разговарараше со поранешиот амбасадор Љупчо Арсовски. Тој вели дека посетите на Вархеј и Фон дер Лајен се по малку необични бидејќи доаѓаат во време кога во Бугарија нема ниту влада ниту нов парламент. Арсовски очекува дека европските претставници во најмала рака ќе се обидат на наша сметка да издејствуваат отстапки во корист на Бугарија.

-Во Бугарија во моментот нема кој да ја преземе одговорноста за било какво евентуално решение за подигање на бугарското вето од европскиот пат на Македонија. Такви одлуки не може да донесе ниту привремена влада ниту какви било привремени државни институции. И затоа какви и да се пораките на европските претставници, не може да се очекува приближување на ставовите. Европскта Унија веќе покажа немоќ криејќи се зад убави формулации, еднаш говорејќи дека сме ги исполниле условите за да станеме членка на Унијата, другпат дека проблемите со соседот треба сами да ги надминеме. Како да ги решаваме ваквите прашања кога Бугарија како европска земја носи неевропски Декларации, вели Арсовски за „Локално“.

Арсовкси потсетува дека бугарската влада и парламент веќе имаа усогласено Декларација во која меѓу другото се наведува дека Македонија треба да не го споменува „македонскиот јазик“ и „бугарскиот фашистички окупатор“, како едни од условите за подогнување на рампата која ја спуштија за влез на нашата земја во ЕУ.

Од друга страна пак, познавачите на односите ЕУ – Македонија  за „Локално“ неофицијално посочуваат дека посетите на европскиот комесар и претседателката на ЕК може да се толкуваат и како „охрабрување“ на државниот врв да направи уште еден „чекор напред“, по оној со Преспанскиот договор, и  да се повлече од македонските „црвени линии“, во името на  европската иднина на државата.

Неофицијално според нив во пресрет на посетата на Вархеј и на Фон дер Лајен, предупедуваат дека ништо не е случајно, особено не по најавата на премиерот Зоран Заев дека од учебниците и спомениците може да се избрише „бугарски“ и да остане само фашистички окупатор.

Нашите соговорници се единствени во мислењето дека не може да се смени светската историја, бидејќи сите држави, Бугарија ја доживуваат како земја која за време на Втората светска војна била во сојуз со фашистите.

Во таа насока според нив еден од многуте аргументи е и музејот посветен на фашизмот во Израел, каде во делот на Македонија, пишува дека „Евреите се однесени во логори од окупираните делови на Македонија“, што значи дека Македонија била окупирана земја.

Од кабинетот на фон дер Лајен за медиумите не откриваат за што ќе се разговара на средбата со макеоднскиот државен врв и дали ќе има пораки само до Македонија или и до Бугарија, која го блокираше процесот за старт на преговорите за члнество во Унијата. Од таму велат дека единствената порака од нив е дека Европската Унија држи до регионот.

-Таа ќе се сретне со лидерите и ќе разговара за билатералните односи со ЕУ и регионалните прашања, перспективата за преговори за членство на Северна Македонија е дел од пошироката дискусија, целта на претседателката е да ја потврди нејзината посветеност кон регионот и перспективата за преговори за членство во ЕУ со овие земји кога времето и условите ќе бидат добри и преговорите ќе бидат завршени, изјави портпаролот на Комисјата Дана Спинант, портпаролката на Европската Комисија.

Б.Т.