Новонаметнатиот спор со Република Бугарија, како политичари не става во незавидна позиција да бараме разумно објаснување за граѓаните дека има ново барање, кое не беше дел од претходните барања за одредување на датум за почеток на преговори, на кои посветено и неуморно работевме заради ветувањето дека по нивната реализација, ќе следи долгоочекуваниот датум за преговори, рече собранискиот спикер Талат Џафери во своето обраќање на Состанокот на спикери на парламенти од земите на Западен Балкан во рамките на словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија.
Џафери посочи дека последните анкети со граѓаните покажале разочарување и неверување дека овој процес некогаш ќе има успешна завршница и дека постојано ќе има нови барања. Пради тоа ентузијазмот и кај граѓаните и кај политичарите може да спласне.
-Јасно е дека, разрешницата на овој проблем ќе се одрази на решавањето и на останатите отворени прашања во регионот и затоа, ако долгорочната европска перспектива на регионот е заедничка крајна цел на сите засегнати страни, потребна е исклучителна и сестрана дипломатија, тактичност и прагматичност. Воедно, се надеваме на што поскоро надминување на политичката криза во Бугарија, рече Џафери.
Според него со спроведувањето на „Агенда дома“ ќе продолжат да се реализираат реформите со кои треба да се воспостават европските вредности и стандардои и во институциите и во целото оштестов за да се подобри и олесни животот на граѓаните.
-Законодавниот дом, како и досега, ќе продолжи со разгледување и усвојување на превиденото законодавство за реформи, водејќи сметка за унапредување на транспарентноста и отчетноста на Собранието со поголема вклученост на граѓанскиот сектор, сепак, имаме потреба од позитивен импулс во овој процес, особено за решенијата кои не секогаш се популарни за јавноста, кои би се прифатиле полесно доколку идното членство во Европската Унија би било очигледен и природен резултат, рече Џафери.

На тематскиот состанок „Улогата на парламентите во враќањето на довербата во ЕУ“, Џафери рече дека Македонија како земја, веќе се изјасни дека новата методологијата ја смета како можност за поголема политичка димензија на процесот бидејќи ќе го направи подинамичен, попредвидлив и поверодостоен и ќе има поголем кредибилитет, но само ако се почитува системот на заслуги и на исполнување на ветувањата дадени од европска страна до земјите кандидати за спроведените реформи.
-Во тој контекст и со таа верба, во изминативе неколку години направивме серија реформи во делот на владеењето на правото, правосудството, борбата против организираниот криминал и корупцијата, безбедносниот сектор и слободата на медиумите. Го надминавме долгогодишниот спор со Република Грција а претходно го потпишавме и Договорот со Република Бугарија. Овие државнички чекори немаше да бидат реалност, доколку немаше конструктивност и политички дијалог во Собранието, затоа што голем дел од потребните законо решенија налагаа обезбедување на двотретинско мнозинство. Сите парламентарни партии се обединија во нивното донесување, свесни за тежината и одговорноста што преземаат врз себе, меѓутоа, убедени дека на тој начин ја спроведуваат волјата на нашите граѓани, т.е. исполнување на реформите за влегување во следната фаза од процесот на интеграции, почетокот на преговорите до полноправното членство во Европската унија, рече Џафери во своето обраќање.
Б.Т.