Во Заедничката изјава усвоена на Состанокот на претседатели на парламенти од земјите на Западен Балкан, кој се одржа во рамките на словенечкото претседателство со Советот на Европската Унија, учесниците ја поздравија заложбата на Европскиот парламент во обезбедувањето на политичка поддршка на процесот на проширување и ја нагласија потребата за стратешки приоритет на проширувањето од страна на Европската унија.
Учесниците го потенцираа значењето на парламентарната дипломатија во продлабочувањето на политичкиот дијалог за забрзување на процесот на проширување и заложбата на парламентите од Западен Балкан за зајакнување на регионалната соработка која придонесува за унапредување на довербата и промовирање на процесот на помирување во регионот.
Во изјавата беше посочена потребата од посебно внимание кон младите генерации и отворањето нови можности за нивно вклучување во програмите на ЕУ, создавање на работни места и преземање чекори за мотивирање на младите луѓе да живеат и работат во регионот. Во овој контекст, беше препознаено значењето и потребата за вклучување на парламентите, граѓанското општество и другите релевантни актери во Конференцијата за иднината на Европа.
Заедничката изјава ќе биде испратена до Европскиот парламент, Европската комисија, до учесниците на претстојниот самит ЕУ – Западен Балкан, како и до Конференцијата на спикери на парламенти на земјите членки на ЕУ (КСЕУ).
На почетокот на состанокот претседателот на Националното собрание на Република Словенија, Игор Зорчич, говорејќи на темата „Улогата на парламентите во враќањето на довербата во ЕУ“, повика на забрзување на процесот на интеграција со земјите од Западен Балкан.
Министерот за надворешни работи Анже Логар ја издвои моќта на трансформација што ја има европската интеграција во земјите аспиранти за унапредување на владеењето на правото, борбата против организираниот криминал и корупцијата и социо – економските реформи.
-Отворените прашања во регионот треба да се решаваат во духот на доверба и согласно меѓународното право и европското законодавство. Миграцијата, сајбер нападите и зелената и дигитална трансформација на економијата се приоритети и за земјите аспиранти и тие треба да бидат во основата на процесот на интеграција, рече Логар.
Претседателот на македонскиот парламент Талат Џафери во своето обраќање посочи дека само со посветена работа ќе се зајакне и унапредат парламентарните демократии.
-Нашата улога е како институции за инклузивен меѓупартиски дијалог, да изградиме консензус за клучните европски реформи и да придонесеме во помирувањето, мирот и стабилноста во регионот, рече Џафери.
Б.Т.