Пендаровски и Џаферовиќ разговараа за можноста за воспоставување на авионска линија Скопје-Сараево

од Берта Китинска
221 прегледи

Претседателот Стево Пендаровски денеска оствари средба со членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Шефик Џаферовиќ, кој престојува во посета на Република Северна Македонија.

Соговорниците на средбата оценија дека двете држави имаат пријателски билатерални односи, без отворени прашања. Изразувајќи подготвеност за натамошно продлабочување на соработката во сите сфери од заемен интерес, претседателот Пендаровски и Џаферовиќ разговараа за можноста за воспоставување на директна авионска линија помеѓу Скопје и Сараево, како и за можноста за отворање на Катедра за изучување на босанскиот јазик во Северна Македонија.

Истовремено, претседателот Пендаровски посочи на интересот на Република Северна Македонија за интензивирање на економската соработка и зголемување на трговската размена со Босна и Херцеговина, која, како што беше посочено на средбата, заостанува зад добрите политички односи.

На средбата соговорниците разменија мислења во однос на европските аспирации на двете држави. Претседателот Пендаровски ја реафирмираше поддршката од нашата држава за европските аспирации на БиХ. Исто така, претседателот Пендаровски изрази и подготвеност за споделување на искуства во однос на НАТО интегративниот процес. Двајцата соговорници разменија мислења и за актуелните состојби во регионот.

Слични содржини