„Денеска го одбележуваме 28 Септември – Меѓународниот ден на Бошњаците, ден кој го симболизира враќањето на националното име Бошњак и именувањето на јазикот мајчиниот јазик на Бошњаците како босански јазик“, напиша на својот Фејсбук профил премиерот Зоран Заев.
Тој додава дека Бошњаците во Северна Македонија отсекогаш биле активни во унапредувањето на нашето заедничко општество и во изградбата на институциите на нашата држава.
„Традициите и културата на Бошњаците се составен и нераскинлив дел од богатството во нашата мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава, и многу вреден и драгоцен сегмент во нашиот концепт „Едно општество за сите“.Владата на Република Северна Македонија и во иднина ќе продолжи да ги зајакнува институционалните можности за негување и унапредување на интересите и културните особености на бошњачката заедница, како што во 2018 година во образованието на учениците Бошњаци им е вратено правото на редовна настава на босански јазик.Денес босанскиот јазик е дел од програмата на Националната телевизија.Со честитките за вашиот празник ја испраќам и пораката да продолжиме сите заедно да градиме просперитетна иднина и благосостојба. Заеднички да чекориме по европскиот пат и да придонесуваме за подобар живот на сите наши граѓани“, пишува Заев.