Екс антикорупционерот Муса за „Локално“: Дали ДУИ се на фронт или во локални избори?

од desk4
338 прегледи

Само по два дена од стартот на кампањата, во скопски Чаир се слушнаа и истрели од огнено оружје. „Локално“ на оваа тема но и за тоа што ќе ни приредат политичките партии за време на локалните избори, разговараше со екс антикорупционерот Ариф Муса. Тој посочува дека и во оваа изборна кампања граѓаните на Македонија нема да видат ништо ново. 

-Се е по старо, дури би рекол дека оваа кампања е и попримитивна од претходните. Партиите и кандидатите не го чекаа ниту официјалниот старт за започнување на кампањата, како што предвидува Изборниот законик. Кај учесниците има нервоза како да се освојува државата а не локалната власт. Не се бираат средства. Слушаме жестоки кавги, за кои ќе речам, како тргнало може да стигне и до тепање. Не гледам светло на хоризонтот, од типот нашите политички партии еднаш да се свестат, па наместо да гледаат  како да ја освојат власта за да профитираат, малку да придонесат и за доброто на граѓаните. Не гледам демократска кампања со реални и вредливи програми, со вредни кандидати кои би биле добри градоначаници и советници. Граѓаните за кој и да гласаат, подеднакво ќе бидат оштетени, вели Муса.

Тој посочува дека партиите и кандидатите од власта  ако оствареа само 10% од ова што сега го ветуваат, многу градови до сега ќе станеа метрополи, бидејќи во најмала рака патиштата ќе беа без дупки.

За пукотниците во скопски Чаир, се прашувам дали тие се на фронт или во локални избори? Не можам да изберам зборови. Што да речам што „дали ова е ова кампања или пукање“ и зошто е „пукањето“. Дали сакаат со тоа да покажат сила или да ги заплашат граѓаните под притисок на „силните“ да гласаат за ДУИ. ДУИ може да биде се друго само не „зелена партија“. Тие го узурпираат секое паркче во градот. Не дај боже да видат 100 метри, таму веднаш ќе никне зграда, а потоа со нов закон ќе ги легализираат дивоградбите. Веќе не се знае ниту колку објекти се во прашање, односно што чекаат да бидат легализирани, вели Муса.

Вчерашниoт митинг на Демократската унија за интеграција во Чаир беше отворен со овации и аплаузи, но и со пукање од пиштол, кога пред присутните се појави потпретседателот на партијата и поранешен градоначалник на скопската општина, актуелниот пратеник Изет Меџити.
Алијанса за Албанците ја осуди употребата на оружје и побара од Обвинителството да почне истрага за употреба на недозволено оружје на јавни настани.

Оружјето симболизира смрт и токму отворањето на штабот со истрели од огнено оружје од страната на милитантите на ДУИ, зборува за начинот на кој што оваа партија стреми кон победа, со закани, притисоци, манипулации и влевање на страв, стои во соопштенитео на Алијанса за Албанците.
Алијансата за Албанците побара и одговорност од партијата која го организираше собирот, бидејќи досегашната практика покажала дека сме имале многу други случаи ранети или пак загинати и од слепи куршуми. Затоа не смее да се дозволуваат вакви инциденти, да се повторуваат и да поминуваат не казнети.

Б.Т.