Калифорнија ќе биде првата американска држава што ќе воведе задолжителна вакцинација против Ковид 19 за децата, уште во јануари, објави денеска гувернерот Гевин Њусом.
Вестите велат дека Американската администрација за храна и лекови (ФДА) мора прво да одобри постојана дозвола за употреба на вакцината кај деца од различна возраст, пренесува Ројтерс.
Според новата мерка, објавена од гувернерот на Калифорнија, Ковид-19 ќе биде на списокот на болести против кои децата мора да се вакцинираат за да посетуваат државни или приватни училишта.
ФДА даде целосно одобрување за употреба на вакцината против Ковид 19 кај луѓе на возраст над 16 години, додека итна употреба е одобрена за возраст од 12 до 15 години, а ова здравствено регулаторно тело треба да размисли за употреба на вакцината Фајзер кај деца на возраст 5 до 11 години.
Задолжителната вакцинација на одредени ученици е веќе воведена во неколку големи училишни области во Калифорнија, а во училишната област Лос Анџелес, најголемата во земјата, имунизацијата на деца постари од 12 години е задолжителна, имајќи предвид дека итна употреба на вакцината Фајзер е одобрена за таа возраст.
Здравствените власти велат дека суровите мерки за контрола на Ковид-19 помогнале да се забави ширењето на вирусот во Калифорнија во последните недели.