ДПИ затвори угостителски објект на автопатот Гостивар – Тетово поради непочитување на мерките за справување со коронавирусот. Во објектот биле затекнати и пет танчерки од Албанија и Косово.
Според информациите на МВР, вчеравечер 2/3 октомври од 23 до 3 часот, полициски службеници на СВР Тетово во содејство со Државниот пазарен инспекторат спроведоа акциска контрола во угостителски објект, сопственост на З.Б.(47) од гостиварски Добридол, а лоциран покрај автопатот Гостивар-Тетово.
При контролата било утврдено дека во објектот не се почитувале протоколите за работа и мерките за справување со коронавируаот, поради што сопственикот на објектот е приведен. Тој се однесувал и агресивно кон полициските службеници и ги навредувал и омаловажувал, за што исто така ќе биде поднесен соодветен поднесок.
При контролата во објектот биле затекнати и пет странски државјанки, танчерки, од кои три од Албанија и две од Косово, на различна возраст од 26 до 45 години, кои го злоупотребиле туристичкиот престој, односно престојувале спротивно на целта.