Фудбалерите на Рен го победија ПСЖ со 2-0 во дербито на 9. коло во францускиот шампионат, што е прв кикс на Парижаните во новата сезона.
Рен поведе во 45. минута, непосредно пред одморот, со голот на Лаборда. Во најнеповолниот момент за Парижаните, Рен внесе немир во соблекувалната на ривалот, што се почувствува во првата минута од продолжението.
Токму тогаш, Тајт постигна уште еден гол, на асистенција на стрелецот на првиот гол.
Во 68. минута голот на Мбапе беше поништен поради офсајд.
Рен дефанзивно неутрализираше се , иако имаше скромен посед на топка, ги држеше Парижаните и без удар во рамката на голот, при што само Меси ја затресе пречката од слободен удар.
На крајот, можеше да биде 3-0 за Рен, но пеналот беше поништен по ВАР интервенцијата. Се играше дури 97 минути, но ништо не им помогна на гостите.
Рен имаше четири удари кон голот на ривалот, кој го чуваше Џиџи Донарума.