Партија на пензионери: Од 1-ви јануари пензиите ќе се усогласуваат со порастот на платите

од Nikola Popovski
854 прегледи

Партијата на пензионери, како автентичен претставник на пензионерите во земјата, во текот на годината го интензивираше дијалогот, во рамки на коалицијата предводена од СДСМ, за неопходноста пензиите освен со порастот на трошоците на живот и порастот на БДП, да се усогласуваат (зголемуваат) сразмерно и со порастот на просечната плата во земјата.

-Во такви услови, базирајќи се на принципите на општествена солидарност и грижа за пензионерите, а со цел да се надмине состојбата и да се одржи минимален баланс на износот на просечните пензии и плати, во рамки на коалицијата предводена од СДСМ интензивно и заедно работевме на изнаоѓање долгорочно решение, што резултираше со прифаќање на предлогот на ПАРТИЈАТА НА ПЕНЗИОНЕРИ, кој всушност е барање на најголемиот број на пензионери, во Законот за ПИО, да се вратат претходните законски одредби и зголемувањето на пензиите да се врши сразмерно со порастот на просечната плата и порастот на трошоците на живот, велат пензионерите преку соопштение.

Според нив, „на огромно задоволство на ПП, а сигурно и на сите пензионери, нашите заложби, кои не ја нарушат стабилноста на Пензискиот фонд, се прифатени и од  Владата на Република Северна Македонија, со најава за отпочнување на нивната имплементација од 01.01.2022 година“.

-Покрај наведеното ПП, посветено продолжува да работи, во текот на 2022 година, да се изнајде и одржливо решение за усогласување на минималните пензии со минималните плати, што ќе овозможи дополнителна подршка на оваа најранлива група на пензионери и подобрување на нивната економско-социјалната положба со подостоинствени пензии, стои во соопштението на пензионерите.

Премиерот Зоран Заев вчера најави дека од 1 јануари пензиите ќе растат согласно растот на цените на мало и согласно растот на просечните плати, односно секој 1 јануари и секој 1 јули ќе имаме видлив пораст раст на пензиите.

Слични содржини