Шилегов: Со Скопје Смарт сити, Скопје станува град без шалтери!

од Берта Китинска
349 прегледи

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов на денешната прес-конференција ги презентираше главните придобивки од проектот паметен град – „Скопје Смарт сити“ на кој Град Скопје работеше заедно со Телеком во изминатите 6 месеци.

– Со задоволство можам да кажам дека Скопје е првиот град во државата кој го започнува овој проект кој ќе значи целосна дигитализација на услугите, воведување на директна демократија како алатка за унапредување на демократијата и обезбедува големи заштеди на електрична енергија – средства кои ќе се враќаат директно како финансиска поддршка за граѓаните. Би сакал да ги презентирам клучните придобивки од овој проект, изјави градоначалникот Шилегов.

Со Смарт сити, Скопје станува прв град во државата каде граѓаните директно и сами одлучуваат за тоа каде и како се вложуваат нивните пари. Со овој проект граѓаните ќе имаат можност да ги одредуваат приоритети, да гласаат за проекти и да избираат каде градот ќе вложува.

– Ова е историски исчекор на демократијата и начинот на управување со градот. Ова е историска промена во однос на директната комуникација со граѓаните и воведување на непосредна граѓанска демократија, нешто на што сум особено горд. Преку апликација на својот мобилен телефон, скопјани ќе може да гласаат за предлози, да дефинираат приоритети и со тоа самите да ги креираат политиките градот. Градот редовно преку апликацијата ќе ги консултира граѓаните за значајни инвестиции и одлуки и скопјани директно ќе бидат во можност да одлучуваат каде ќе се насочат парите. Верувам дека многу брзо ова ќе стане стандард во цела држава, потенцираше Шилегов.

Апликацијата „Мое Скопје“ е клучен дел во „Скопје Смарт Сити“ и носи сосема ново ниво на интеракција и информирање. Во оваа фаза апликацијата којашто е веќе достапна на Google Play Store, ќе им понуди на граѓаните: информации од сферата на градскиот живот, настани, случувања и новости, анкети, пристап до апликациите и сервисите на градските институции и преглед на паркинзите на Град Скопје.

Таа подоцна се надополнува со содржини за сообраќајот и јавниот превоз, а ќе може да се пријавуваат инфраструктурни и комунални проблеми. „Мое Скопје“ е иновативен, информативен и интерактивен канал за комуникација со граѓаните, кој преку постојани анкети и прашалници им овозможува на граѓаните да одлучуваат за градските прашања и да го насочуваат градот кон нивните приоритети.

– Со Скопје Смарт сити, Скопје станува град без шалтери! Скопје сите услуги ќе ги дава онлајн и со тоа станува првиот целосно дигитализиран град во регионот. Сите плаќања и сите документи ќе бидат достапни на интернет или на телефонот на граѓаните. Освен ова, секој граѓанин може да следи како градот работи, до каде е неговото барање, до каде е секоја постапка и сето тоа да му биде достапно во секое време на својот телефон, додаде Шилегов.

– Преку овој проект се поставуваат 10.000 нови лед светилки со што Скопје добива совршено осветлени и безбедни улици, вело патеки и тротоари. Со паметното осветлување, Град Скопје заштедува 1,3 милиони евра годишно на електрична енергија. Овие пари кои ќе се пренаменат за директна финансиска поддршка на граѓаните од различни групи, нагласи Шилегов.

– Некои мои конкуренти сакаат да кажат дека не се политичари и дека нив политиката не ги интересира. Но мене преку политиката единствено ме интересираат луѓето. Тие се над политиката. Затоа јас им ја давам моќта на граѓаните тие да одлучуваат. Ова беше мојата цел од првиот ден кога влегов во политиката и ова денес во Град Скопје станува реалност, заклучи Шилегов на крајот на денешната прес-конференција.

 

Слични содржини