Манчестер Сити го има најскапиот состав од првите пет фудбалски лиги во Европа, според Фудбалската опсерваторија CIES, која користи специјална методологија за да ја одреди вредноста на индивидуалните играчи. Играчите од првиот тим на англискиот шампион се проценети на вкупна вредност од 1,28 милијарди евра.
На второто место во рангирањето е Манчестер Јунајтед со 1,214 милијарди евра, а трет е актуелниот европски клупски шампион Челзи со 946 милиони евра. Првата десетка е надополнета со Барселона (896 милиони евра), Баерн Минхен (890 милиони евра), Ливерпул (868 милиони евра), Реал Мадрид (846 милиони евра), Пари Сен Жермен (808 милиони евра), Борусија Дортмунд (687 милиони) и Атлетико Мадрид (662 милиони).
Најскапиот од италијанските тимови е Јувентус, кој е на 11 место со 618 милиони евра. Оценката е направена врз основа на моменталната состојба на тимовите на 1 октомври оваа година, и не вклучува играчи изнајмени во други клубови.
Во однос на вкупната вредност на играчите во елитните тимови, англиската Премиер лига е на прво место со 8,9 милијарди евра (просечно по 445 милиони евра по клуб), а потоа следи шпанската Ла Лига со 5,3 милијарди евра (263 милиони), германската Бундеслига со 4,5 милијарди евра (251 милиони), италијанската Серија А со 4,4 милијарди евра (222 милиони) и француската Лига 1 со 3,4 милијарди евра (172 милиони евра).
Според Фудбалската опсерваторија CIES, најскап играч во моментов е напаѓачот Ерлинг Холанд од Борусија Дортмунд, кој е проценет на 150-200 милиони евра.