„АстраЗенека“, британско-шведска фармацевтска компанија која разви една од првите вакцини против Ковид-19, побара од Американската администрација за храна и лекови (ФДА) да го одобри за итна употреба нејзиниот третман со антитела за да се спречи болеста.
Компанијата денеска објави дека третманот познат како AZD7442 ќе биде првата комбинација на антитела со долго дејство што ќе добијат одобрение за итна употреба за превенција од Ковид-19. Третманот може да им помогне на луѓето чиј имунолошки систем не реагира соодветно на вакцинација, рекоа од „АстраЗенека“.
Доцната фаза на испитувања на третман кај луѓе покажува дека тие го намалуваат ризикот од развој на симптоматски Ковид-19 за 77 проценти. Повеќе од три четвртини од учесниците во испитувањата имаа послаб имунолошки систем или други состојби за кои се смета дека се поподложни на развој на потешка форма на болеста.
Извршниот потпретседател на „АстраЗенека“, Мене Пангалос, рече дека ранливите популации, како што се луѓето со слаб имунолошки систем, често не можат да развијат заштитна реакција по вакцинацијата и ризикуваат да добијат Ковид-19. Според него, со оваа подготовка, светот е поблиску до обезбедување дополнителна опција за заштита од Ковид-19, покрај вакцините.
Побарувачката за третмани за антитела во САД се зголеми во текот на летото, особено во држави како Флорида, Луизијана и Тексас, каде хоспитализациите меѓу невакцинираните пациенти се закануваат да го преоптоварат здравствениот систем.
Главниот третман на антитела што се користи во Соединетите држави е двоен коктел со антитела на „Регенерон“. ФДА го одобри „Регенерон“ како заштита за високоризични лица против тежок облик на Ковид-19.