Австрискиот канцелар Себастијан Курц вечерва во Љубљана рече дека Австрија би сакала датум за проширување на ЕУ за Западен Балкан.
– Ако нема датум, тогаш тоа често значи дека темпото се забавува – нагласи Курц во изјавата за печатот пред утрешниот самит ЕУ -Западен Балкан.
Тој оцени дека е позитивно што се одржува самитот ЕУ-Западен Балкан и дека постои заложба на Унијата за проширување, а на прашањето за шпекулациите дека францускиот претседател Емануел Макрон нема да ја смени својата цврста позиција за проширување на ЕУ пред претседателските избори, Курц вели дека такво нешто е погрешен пристап.
Курц изрази задоволство што повторно се одржува директна средба со претставниците на земјите од Западен Балкан, потсетувајќи дека последниот таков состанок беше во 2018 година пред пандемијата.
Тој се заблагодари на словенечкиот премиер Јанез Јанша за организирањето на состанокот и посочи дека има позитивен развој на земјите од Западен Балкан преку реформи.
– Така, на пример, Србија има силен економски раст. Затоа постои итен интерес ЕУ да заземе кредибилна позиција на Балканот – рече австрискиот канцелар.