Како организација на потрошувачи во Македонија не можеме да мируваме и сме исплашени за моменталната ситуацијата. Веќе порастот на цените на производите од 5 до 10% е товар за граѓаните, вели Маријана Лончар-Велкова од Организацијта на потрошувачи во Македонија.
Тие сметаат дека мораат да бидат вклучени во сите дискусии за цените.
-Нашиот апел до бизнис заедницата и Владата е да се погрижи за ограничување на цените, барем за основните производи како што се маслото, брашното, лебо, шекерот, солта и млекото, додава Велкова за „Утрински брифинг“.
Премиерот Зоран Заев вчера увери дека се преземаат мерки за да се одржи стабилна цената на електричната енергија за домаќинствата, како и за помош на компаниите, а за прогнозите за скок на цените на храната и до 50 проценти вели дека се претерани.