Холандскиот премиер: Не сум задоволен од бугарската позиција кон Македонија

од Nikola Popovski
929 прегледи

Холандија смета дека ќе треба да се почека завршувањето на изборите во Бугарија за да се надмине блокадата на Софија кон Северна Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ, изјави денеска премиерот на земјата, Марк Руте пред почетокот на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ.

-Не сум задоволен од бугарската позиција кон Северна Македонија, истовремено блокирајќи го почетокот на преговорите со Албанија. Сметам дека тие треба да се деблокираат што е можно побрзо. Знаме и се надеваме дека тоа веројатно ќе се случи по изборите во Бугарија и ќе се обидеме да направиме се што можеме за тоа да се случи, нагласи Руте.

Претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лејен, истакна денеска, во пресрет на Самитот ЕУ-Западен Балкан на Брдо кај Крањ, дека Унијата испраќа многу важна порака до регионот, имено дека Западен Балкан припаѓа на ЕУ.

-Сакаме да испратиме многу јасна порака, а тоа е дека Западен Балкан припаѓа на ЕУ. Ние ги сакаме во ЕУ. Ние сме едно европско семејство. Делиме иста историја, вредности и убедена сум истата судбина, рече таа.

Фон дер Лејен нагласи дека членките на ЕУ сакаат интеграција на Западен Балкан бидејќи знаат дека тоа е добро и за Западен Балкан и за ЕУ.

Денес на самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо, Словенија уште еднаш ќе биде потврдена заложбата на ЕУ за продолжување на процесот на проширување. Но, притоа ќе биде потенцирано дека способноста за прием на нови членки ќе зависи од натамошниот развој на ЕУ.

 

Слични содржини