Поранешниот американски амбасадор Вилијам Дејл Монтгомери рече дека распадот на Југославија, или војната, можел да се спречи уште пред да започне.
Имено, тој вели дека Американците имале извештаи на ЦИА од 2 години порано, кои предвидувале што точно ќе се случи доколку Југославија се распадне.
– Знаевме што ќе се случи, светот знаеше што ќе се случи. А сепак, никој во САД, во ЕУ, ама баш никој не беше подготвен да обезбеди трупи однапред и да каже: „Ако сакате да се разотидете, тоа ќе се направи вака, и мирно, во спротивно нашите трупи ќе настапат“. Никој не беше подготвен да го стори тоа. Мислам дека дури тогаш можеа да се спречат подоцнежните настани, рече Монтгомери.
Тој вели дека стравува дека може да има нови конфликти на Балканот, бидејќи ниту еден од проблемите во балканските земји не е решен.
– И проблемот е што повеќе не го привлекува вниманието на светот. Мислам дека во 1990 -тите години ова беше главното место во светот на кое нашите лидери го фокусираа своето внимание. Ова веќе не е случај денес и не верувам дека овие држави сами можат да ги решат прашањата што ги мачат. Од сите страни, чувствата се толку вознемирени што не гледам решение, посочи тој.
Нагласи и дека Европската унија не ја дава помошта и поддршката што треба за целиот балкански регион.
– Мислам дека овде луѓето некако заостануваат во однос на другите европски земји во своите гледишта. Не треба да се заборави дека Германија и Франција беа во војна со векови и престанаа едвај по Втората светска војна. Ова ќе се случи и со овој регион, но ќе треба време. Сепак, што е најважно, ова ќе бара помош од Европската унија на прво место, бидејќи овој регион не може да успее самостојно. Потребна е целосна поддршка од Западот, САД и ЕУ за да се направат овие промени со текот на времето, вели тој.