Реал со нетрпение ги очекува вестите од белгискиот табор во врска со Еден Азар.
Искусниот офанзивен играч за врска не го заврши полуфиналниот натпревар од Лигата на нации со Франција, во кој неговиот тим беше поразен со 3:2.
Тој го истегна мускулот по еден спринт и веднаш даде знак на клупата да направи замена.
Селекторот на Белгија, Роберто Мартинез не можеше да каже колку е сериозна повредата по натпреварот.
„Не знам колку е сериозно, медицинскиот тим ќе разгледа се, можеби тоа е само последица на ударот, повеќе ќе се знае во рок од 24 часа“, рече Мартинез.
Азар ќе биде детално прегледан во Торино, каде што е базата на Белгијците, кои в недела ќе играат во мечот за третото место со Италија.
Во зависност од степенот на повреда, подоцна ќе се одлучи дали Азар ќе остане во тимот или ќе биде вратен во Мадрид.
Медицинскиот тим на шпанскиот клуб е во постојан контакт со колегите од белгискиот табор.