Бомбаш -самоубиец се разнесе пред џамија во северниот авганистански град Кундуз за време на молитвата во петокот, при што загинаа најмалку 100 луѓе, соопштија локалните власти.
Мисијата на Обединетите нации за помош во Авганистан (УНАМА) на Твитер изрази длабока загриженост за нападот во областа Ханабад, повикувајќи се на првични информации кои укажуваат дека „повеќе од 100 луѓе загинаа и се повредени“.
Од полицијата во провинцијата Кундуз велат дека има многу загинати, а управата на провинцијата, предводена од талибанците, соопшти дека станува збор за самоубиствен напад.
Засега нема одговорност за експлозијата. Според очевидци, експлозијата се случила во џамијата Гозар-е-Саад Абад за време на петочната молитва.
АФП јавува дека во провинциската болница во Кундуз биле примени тела на 35 лица загинати во експлозијата, како и повеќе од 50 ранети пациенти.
„Лекари без граници“ објавија дека најмалку 20 луѓе загинале, а 90 други се повредени во експлозијата во шиитската џамија.
Денешната експлозија доаѓа по неколкуте напади во последните недели. За дел од тие напади одговорност презеде локалната филијала на екстремистичката група Исламска држава, Исламска Држава-Корасан, кои се непријатели на новите владетели со Авганистан.