„Одлучно за промени“ во Чаир: Да го вратиме духот на општината и градот Скопје на мултиетнички живот

од Vladimir Zorba
1,2K прегледи

Движењето “Одлучно за промени„ на ЛДП и ДОМ синоќа одржа предизборен митинг во Чаир и најави повеќе зеленило во општината и градот Скопје, како и борба против непланската урбанизација и бетонизација на градот.

– Останатите партии говорат за високи политики, но ние сме тука да говориме за локални политики. Затоа фокусот го ставаме за решавање на локалните проблеми, се она што ве засега сите вас како граѓани. Ние од „Одлучно за промени” ќе се залагаме за дигитална општина, отворена општина во која вие граѓаните нема да чекате со саати за да завршите работа. Советниците да ви бидат достапни во секое време за она што ви е потребно. Здравата животна средина е важна за сите нас, затоа предлагаме повеќе нови велосипедски патеки, субвенционирање на велосипеди, електрични тротинети, како и нови паркови, се со цел Чаир да биде модерна европска општина, истакна претседателот на ЛДП, Горан Милевски.

– Онаа непланска урбанизација и бетонизација што се прави ширум целиот град, па и овде, мора да престане. Ни треба брз, ефикасен јавен транспорт да можеме непречено да се движиме, ни требаат велосипедски патеки, ни требаат повеќе пешачки зони, места каде што ќе се сретнуваме, ќе разговараме, ќе го поминуваме времето заедно, што и не така одамна се случуваше и ние сите добро се сеќаваме како живеевме во една топлина, близина, соработка и сочувство со нашите комшии, со нашите пријатели, со нашите роднини, порача, претседателката на ДОМ, Маја Морачанин.

Тие потсетија дека движењето „Одлучно за промени” се иницирало пред помалку од една година со за да можат непартиски членови, граѓански активисти, експерти, како и сите добронамерни луѓе да се приклучат и да придонесат во општините ширум целата држава да бидат пријатни места за живеење по пример на европските општини, урбани, развиени, современи, модерни, витализирани.

– Лично ви ветувам дека ќе бидам градоначалник на сите граѓани на градот Скопје, без разлика на нивната етничка, верска и било која друга припадност, а особено партиска, затоа што мене партиските припадности најмалку ме интересираат. Дали ќе ми се обратат граѓани од ДУИ, од СДСМ, од ВМРО, а зошто да не и од ДОМ и од ЛДП, јас ќе бидам градоначалник кој што ќе ги прими, сослуша и максимално ќе се посвети на реализација и на решавање на проблемите на граѓаните, рече кандидатот за градоначалник, Арбен Бени Шаќири.

Тој порача дека доста беше од оние кои што се затвораа по кабинети и мислат дека се вечни и дека граѓаните треба да им служат ним.

Носителот на советничка листа во Чаир Октај Садику рече дека шетајќи низ општината забележал дека училишните дворови и градинките изгледаат како места за отпад, а не места каде децата треба да играат.

– Сакам граѓаните да знаат дека ќе се залагам за обновување на зеленилото во училиштата и градинките со помош на најмладите истовремено обезбедувајќи им и едукација. Ќе создадеме нови зелени катчиња за децата и возрасните. Голем број на општински простории седат запуштени истите ќе иницирам да се наменат во места за социјална инклузија. Места каде пензионерите ќе може да изиграат партија шах и во топло да разменат муабет со соседите. Места каде младите ќе можат да прават тим билдинг, да им се организира обуки за вработување, компетенции, споделување на претприемачките идеи. Да градиме отворена општина за хумано живеење. Чаир секогаш бил симбол за мултиетничка хармонија да ја вратиме таквата слика за Чаир, порача Садику.