Тимот на Димитриевски: Сведоци сме на изнудени аудија каде се прикажува неточна слика за наводен поткуп

од Vladimir Zorba
1,8K прегледи

„Не престануваат притисоците во Куманово. Не престануваат заканите и уцените за сите оние кои сакаат да го дадат гласот за листата на Наше Куманово“, реагираат од тимот на Максим Димитриевски на снимката која се појави утрово, која наводно инкриминира дел од неговиот тим за купување на гласови.

„Не престанува организираниот напад врз советниците од листата на Наше Куманово. Сега сме сведоци на изнудени аудија каде се прикажува неточна слика за наводен поткуп.

Досега одржавме низа прес-конференции на кои со докази информиравме за злоупотребите од страна на еден кандидат за градоначалник во овој
изборен процес. Истите ќе ги доставиме до сите релевантни институции ОБСЕ, Делегацијата на ЕУ, како и на странските амбасади во земјава.

Не сакаме да помислиме дека актуелното Министерство за внатрешни работи, иако имаме индиции, е ставено во функција на еден од кандидатите за градоначалник на Куманово. Затоа, го повикуваме МВР до крај да го истражи случајот со снимката што излезе во јавност, а ние уште денеска ќе поднесеме пријава за обид на изнуда на средства од кандидат во време на изборен процес што е потврдено и во снимката дека лицето бара средства за да обезбеди гласови.

Бараме по расчистувањето на случајот да се произнесе јавното обвинителство што треба по службена должност да одговори на нашата пријава.

Листата за наше Куманово и кандидатот за градоначалник Максим Димитриевски се добро познати на кумановската јавност и граѓаните, и затоа нема да дозволиме начинот на комуникација со граѓаните да го сведеме на обидот на монтирање на нелегални снимки.

Сите релевантни анкети зборуваат за победа на Максим Димитриевски и листата „За Наше Куманово“ на овие избори и поради тоа очекуваме
притисокот и монтирањето на случаи да продолжи“, се додава во реакцијата на тимот на Димитревски.