Зелената агенда е во полн ек: Се реализира најголемата инвестиција во историјата на македонската економија

од Берта Китинска
328 прегледи

Екологијата и одржливиот развој е врвен приоритет на Владата предводена од СДСМ и премиерот Зоран Заев, бидејќи чистиот воздух, водите и здравата животна средина се реална потреба на секоја општина која тежнее да биде модерно, удобно и европско место за живеење, соопшти владејачката партија.

Според СДСМ, Зелената агенда е во полн ек.

-Започнува реализацијата на најголемата инвестиција во историјата на македонската економија, вредна 500 милиони евра на германската компанија WPD. На потегот Куманово – Старо Нагоричане – Ранковце – Крива Паланка ќе бидат поставени 69 ветерници, кои ќе создадат над 400 мегавати струја од македонскиот ветер. Ветерниот парк „Вирови“ ќе биде најголемиот капацитет од обновливи извори на енергија во нашата земја. Само за споредба, станува збор за капацитет кој го имаат двата блока на инсталиран капацитет од РЕК „Битола“ во најдобрите години. „Вирови“ нема да користи никакви повластени тарифи од државата,а ќе снабдува со електрична енергија 290.000 домаќинства, велат од СДСМ.

Според партијата, ова е историска инвестиција за Крива Паланка и за регионот.

-Ќе значи и отворање на нови работни места кои се добро платени и кои ќе ги задржат младите дома. Ова се придобивките од Законот за стратешки инвестиции. Големите инвеститори ги препознаваат нашите економски можности, безбедноста и стабилноста на земјата и носат храбри одлуки за инвестирање во нашата држава. Фотонапонските и ветерните електрани се најбрзорастечки технологии во зеленото сценарио. Нашата стратегија предвидува околу 1.500 мегавати фотонапонски електрани и околу 700 мегавати ветерни елекрани. Сето тоа е силна потврда за посветеноста на Владата на инвестиции во зелени, еколошки и обновливи извори на енергија со цел да се обезбедат поевтини извори на енергија, здрава животна средина и почист воздух. Како одговорна партија продолжуваме со мерки и политики за унапредување на квалитетот на животната средина и развој на сите општини во државата, се вели во дописот од СДСМ.

Слични содржини